Европа гневна по московските преговори: Путин глуми интерес, му го троши времето на целиот свет

По пет часа разговори во Кремљ без каков било исчекор, Украина и нејзините европски сојузници остро го обвинија рускиот претседател Владимир Путин дека само се преправа дека е подготвен за мир. Како што јавува АП, британската министерка за надворешни работи Ивет Купер порача дека Путин мора да престане со „блефирањето и крвопролевањето“ и конечно да седне на преговарачка маса за да поддржи „праведен и долготраен мир“. Украинскиот шеф на дипломатијата Андриј Сибиха побара тој „да престане да му го троши времето на целиот свет“.

Овие остри предупредувања го отсликуваат длабокиот јаз меѓу Русија од една страна и Украина со европските партнери од друга, во момент кога војната што Москва ја започна со инвазијата пред речиси четири години продолжува да беснее. Само еден ден претходно, Путин ги обвини Европејците дека ги саботираат мировните напори предводени од САД и порача дека Русија ќе биде подготвена за директен судир со Европа доколку биде „исправоцирана“.

Недовербата во европските престолнини расте. На средбата на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО во Брисел, естонскиот министер Маргус Цахкна изјави дека „Путин не го сменил курсот“, туку „агресивно притиска на бојното поле“. Финската министерка Елина Валтонен додаде дека Русија не понудила ниту една вистинска отстапка и дека најсилен сигнал за градење доверба би бил „целосен прекин на огнот“. Генералниот секретар на НАТО Марк Руте порача дека воената поддршка за Украина нема да запре, бидејќи Киев мора да биде во „најсилна можна позиција“ додека преговорите се одвиваат со неизвесен исход.

Повеќе европски држави, како Канада, Германија, Полска и Холандија, најавија дополнителни стотици милиони долари за набавка на американско оружје што ќе ѝ биде донирано на Украина.

Од Москва доаѓаат поинакви сигнали. Советникот на Путин за надворешна политика Јуриј Ушаков ги опиша разговорите со американскиот пратеник Стив Виткоф и Џеред Кушнер како „позитивни“, но без да открие детали. И двете страни се согласија разговорите да останат доверливи, но централното прашање судбината на четирите украински региони што Русија ги окупира и ги смета за свои, останува нерешено. Ушаков изјави дека „компромис засега нема“, а Кремљ не гледа можност за крај на конфликтот без договор токму околу тие територии. Киев, пак, одлучно одбива да се откаже од било кој дел од сопствената земја.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги отфрли тврдењата дека Путин го одбил американскиот мировен план, но одби да коментира понатаму. „Колку потивко се водат овие разговори, толку ќе бидат пофрутуозни“, рече тој.

Во меѓувреме, војната продолжува со несмален интензитет. Нападите со дронови и ракетирањата стануваат секојдневие на двете страни. Руски беспилотни летала го нападнаа градот Тернивка во Дњипропетровската област, при што загинаа две лица, а три беа ранети. Украинското воено воздухопловство соопшти дека Русија ноќта лансирала 111 борбени и лажни дронови, додека Москва тврди дека соборила 102 украински беспилотни летала. Паднати остатоци од еден дрон предизвикале пожар во нафтено складиште во Тамбовската област, околу 200 километри јужно од Москва.

Сликата што се наметнува е на конфликт што паралелно се води и на бојното поле и во дипломатските сали, каде што надежите за брз пробив стануваат сè понесигурни. Европа, гневна и разочарана, смета дека Путин само добива време, додека Украина продолжува да плаќа висока цена за секоја одложена одлука.

Зачлени се на нашиот е-билтен