Европа ја крева старосната граница за пензија – во Данска до 70 години

Одлуката на Данска да ја подигне старосната граница за пензионирање на 70 години предизвика голем интерес и во македонската јавност, каде сè повеќе се следат трендовите што еден ден би можеле да станат реалност и кај нас.

Новата граница ќе стапи на сила дури во 2040 година, а до 2035 таа ќе изнесува 69 години.

Со ова, Данска станува земјата со највисока старосна граница за пензионирање во Европа, но и други држави веќе се приближуваат. Во Италија, на пример, формалната граница е 67 години, но за лицата чие пензиско осигурување започнало по 1 јануари 1996 година, таа може да достигне дури 71 година и три месеци. Сепак, доколку се исполнат одредени услови, и тие можат да се пензионираат на 67 години.

Во Франција, пак, границата сè уште е 62 години, но до 2030 постепено ќе се зголемува на 64. Германија има динамичен систем: до 2031 година, старосната граница ќе се зголемува за еден месец годишно сè до 67 години.

Различни се правилата и во други држави. Во Романија, мажите се пензионираат на 65 години, а жените ќе достигнат граница од 63 години до 2030. Во Холандија, како и во Норвешка и Грција, границата е 67 години – освен за оние со над 40 години стаж, кои може да заминат во пензија и на 62 години.

Клучен е моделот на Данска, каде старосната граница се утврдува 15 години однапред, во зависност од просечниот животен век. Овој пристап е пред сè превентивен, но ја отвора и темата за реалните можности на повозрасните да продолжат да работат.

Се поставува прашањето: има ли доволно работни места што не бараат физички напор? Дали постои инфраструктура за работа од дома и флексибилно работно време? Во економски развиените земји, покрај притисокот врз пензиските фондови, уште еден мотив за зголемување на старосната граница е недостигот на работна сила. Тие се обидуваат да го искористат целиот расположлив човечки потенцијал.

Зачлени се на нашиот е-билтен