Европската Унија изрази подготвеност да се соочи со намалената дистрибуција на руски гас за Европа, предизвикана од одлуката на Украина да го прекине транзитот на гас преку нејзина територија од 1 јануари 2025 година.
Европската комисија уверува дека овој прекин на снабдувањето нема да предизвика сериозни проблеми за Унијата, бидејќи, како што истакнуваат, преку Украина се транспортираат само околу 5% од вкупниот увоз на природен гас во ЕУ. Мерките за намалување на зависноста од руски енергенси, започнати по руската инвазија на Украина, значително ја зајакнале гасната инфраструктура и осигуриле алтернативни извори на снабдување.
„Повеќе од една година активно работиме на сценарио без транзит на руски гас преку Украина“, изјави Европската комисија.
Одлуката на Украина да го прекине транзитот на гас преку нејзината територија се одразува врз некои земји во Европа, но Европската Унија посочува дека има доволно механизми за да се обезбедат алтернативни извор на енергија за земјите кои се најпогодени од оваа одлука.
Украинскиот оператор за дистрибуција на гас „ОГТСУ“ објави дека од 1 јануари испораките преку единствената влезна точка за руски гас во Украина се свеле на нула.
Претходно, Украина беше клучен транзитен пат за речиси една третина од рускиот гас наменет за Европа, додека остатокот од енергенсот се транспортирал преку „Турски поток“ или преку течен природен гас (ЛНГ).
По одлуката на Киев, некои источни европски земји, како Австрија, Бугарија и Унгарија, успеаја да обезбедат алтернативни изворишта, додека други, како Молдавија и Словачка, се најдоа во посложена ситуација.
Молдавија, со цел да се справи со недостигот на енергија, воведе 60-дневна вонредна состојба, а додатно, рускиот „Газпром“ соопшти дека ја запрел испораката на гас за Молдавија поради долгови.
Словачка, пак, ја осуди одлуката на Украина, со премиерот Фицо кој изрази загриженост за големото финансиско влијание на земјата. Во меѓувреме, Словачка продолжува да бара начини за осигурување на гас од Русија, со премиерот кој дури отпатува во Москва на средба со претседателот Путин.
Конфликтот околу енергетските ресурси продолжува да има големо влијание врз економијата и политиката на земјите во источна Европа.