Европа во 2024 година беше погодена од најобемните поплави во последните десет години, при што речиси една третина од континенталната речна мрежа доживеа сериозно излевање на води. Според заедничкиот извештај на Службата за климатски промени „Коперник“ и Светската метеоролошка организација (СЗМО), оваа климатска катастрофа ја одбележа една од најекстремните години од 1950 година досега.
Поплавите одзедоа најмалку 335 човечки животи и директно погодиле над 410.000 луѓе низ целиот континент. Најтешко настрада Западна Европа, особено региони во Шпанија, Германија и Чешка, а вкупните економски штети се проценуваат на над 18 милијарди евра – најскапа климатска катастрофа во Европа досега.
„Секое зголемување на глобалната температура го зголемува ризикот за човечките животи, економиите и самата планета“, предупреди генералната секретарка на СЗМО, Селесте Сауло.
Според податоците, 2024 година беше и глобално најтоплата досега измерена, при што Европа останува најбрзо загревањето континент на светот. Екстремни временски услови беа забележани насекаде – од рекордни суши во Источна Европа до најдолгиот забележан топлотен бран во Југоистокот, кој траеше 13 дена. Во Скандинавија, глечерите се топеа со забрзано темпо.
Најсмртоносниот настан се случи во октомври во шпанската Валенсија, каде поплавите однесоа 232 животи. Истата година, бурата Борис донесе рекордни врнежи во Централна Европа, со сериозни последици во Австрија, Чешка, Германија и Словачка.
Научниците укажуваат дека климатските промени значително ја зголемуваат фреквенцијата и интензитетот на екстремните врнежи. Потоплата атмосфера задржува повеќе водена пареа, што води до поинтензивни дождови. Минатата година е измерена и рекордна концентрација на водена пареа во атмосферата.
Но, не се виновни само климатските фактори. Урбанистичкото планирање и управувањето со реките играат значајна улога – дозволувањето изградба на домови и инфраструктура во поплавни подрачја ја зголемува ранливоста на локалното население.
Во извештајот, сепак, се посочуваат и позитивни трендови: обновливите извори на енергија учествувале со рекордни 45% во електричното производство во Европа во 2024 година, а сè повеќе градови развиваат стратегии за климатска адаптација.
Експертите повикуваат на забрзано прилагодување – заштита од екстремни временски услови веќе не е прашање на иднината, туку итна потреба.