Европа со најтопол март во историјата на мерењата

Во услови на засилена климатска криза, Европа го доживеа најтоплиот март откако постојат мерења, соопштија европските научници од програмата „Коперникус“. Глобално, ова е втор најтопол март досега, при што просечната температура била 1.6°C над нивото пред индустриската ера – уште еден јасен знак за светот што се загрева.

Март е само дел од подолг континуитет – 20 од последните 21 месец беа над прагот од 1.5°C што научниците го сметаат за критична граница. Овие температурни отстапувања не се случајни. Напротив, тие се директна последица од загадувањето со стакленички гасови, предизвикано од човечка активност и индустријализација, особено преку користење фосилни горива.

Но, промените не се изразени само преку температурите. Како што објасни Саманта Бурџес од Европскиот центар за метеоролошки анализи, Европа бележи спротивставени екстреми – некои региони се соочиле со рекордно сушен март, а други со највлажниот во последните речиси пет децении. Потоплата атмосфера може да задржи повеќе влага, што значи и посилни врнежи и поплави, додека сушите стануваат се посурови поради зголемено испарување.

Во меѓувреме, Арктикот бележи нов аларм – морскиот мраз достигна најниско мартовско ниво во последните 47 години, колку што датираат сателитските мерења. Овие податоци ги потврдуваат предвидувањата на климатските модели: светот се менува со невидена брзина, а времето за дејствување станува сè пократко.

Зачлени се на нашиот е-билтен