Европа започнува сопствени проекти за литиум

Европската унија донела одлука која би можела да ја промени иднината на енергетската и индустриската независност на континентот. Таа прогласи 47 стратешки проекти во областа на критичните суровини, со што јасно потврди значењето на литиумот, кобалтот, графитот и другите клучни ресурси за енергетската и дигиталната транзиција.

Повеќето од овие проекти се фокусирани на рударство, преработка и рециклирање на литиум, што ја покажува решителноста на Европа да обезбеди клучна суровина за батерии на електрични возила на своја територија.

Од 47 стратешки проекти во 13 земји, 22 се литиумски. Иако постоеле тврдења дека Европа има значителни резерви на “бело злато” но дека нема да ги копа поради наводни еколошки ризици, поддршка добиле дури 7 рудници за литиум од тврда стена – во Чешка, Франција, Финска и по два во Шпанија и Португалија.

ЕУ активно работи на намалување на зависноста од увоз на клучни суровини и олеснување на експлоатацијата на домашните резерви на минерали кои се потребни за зелени технологии како што се ветерни турбини и соларни панели.

Литиумот е неопходен за производство на батерии за електрични возила и складирање на енергија од обновливи извори, поради што игра клучна улога во остварувањето на европските климатски и енергетски цели. Тој е од пресудно значење за европскиот ланец на вредноста на батериите, бидејќи глобалната доминација над преработката на литиум и други суровини за батерии ја држи Кина.

Стратешките проекти не вклучуваат само литиум, туку и други елементи кои се неопходни за зелената индустрија. На листата се и никел (12 проекти), кобалт (10), манган (7) и графит (11), додека тука се и магнезиум и тунгстен, важни за воената индустрија и напредни технологии.

Батериите денес претставуваат околу 30% од цената на електричното возило, па конкурентноста на европската автомобилска индустрија зависи од развојот на исплатливи, ефикасни и одржливи батерии. Нивната примена не се ограничува само на електрични возила, туку тие се клучни и за стационарни складишта на енергија, дигитални технологии и енергетски зависни одбранбени системи.

Иако ЕУ не може да обезбеди сите суровини кои и се потребни, најважните проекти за литиум, на пример, според зборовите на Мајкл Шмит, истражувач во германската Агенција за минерални ресурси, би можеле да го задоволат 25 до 35 проценти од европската побарувачка до крајот на деценијата.

Одлуката на Европската комисија да ја поддржи оваа стратешка иницијатива во областа на критичните суровини претставува важен чекор кон енергетска и индустриска независност на Европа.

Според Законот за критични суровини, експлоатацијата, преработката и рециклирањето на стратешките суровини на територијата на Европа до 2030 година треба да го задоволи 10%, 40% односно 25% од потребите на ЕУ. Европската комисија најави дека во наредниот период ќе бидат прогласени и стратешки проекти од земји надвор од ЕУ, а ќе биде распишан и нов конкурс за стратешки проекти во ЕУ.

Зачлени се на нашиот е-билтен