Европол: Децата преку видеоигри се присилуваат на убиства

Криминални мрежи „ги вооружуваат децата“ за извршување на мачења и убиства, врбувајќи ги преку популарни видеоигри и паметни телефони, а многу родители не се ни свесни за опасноста, предупредува директорката на Европол, пренесува Politico. Според нејзините зборови, овие групи денес претставуваат најголема индивидуална криминална закана за Европската Унија, бидејќи преку таргетирање на малолетници го дестабилизираат општеството и уништуваат семејства.

„Инструментализацијата на децата од организирани криминални групи е нешто што се случува на европска територија“, изјави извршната директорка на Европол, Катарин де Бол. „Тие ги вооружуваат децата за мачење или убивање. Ова повеќе не е ситен криминал – станува збор за тешки злосторства.“

Како најтежок случај, Европол го издвојува примерот во кој на тинејџер му било наредено да ја убие својата помлада сестра – и тој тоа го сторил. „Тоа е брутално, нешто што никогаш досега не сме го виделе“, истакна Де Бол.

Од невин разговор до нарачано убиство

Криминалците започнуваат со врбување така што им се приклучуваат на децата во онлајн игри со опција за чат. Таму започнуваат наизглед безопасни разговори за домашни миленици или семејство, стекнувајќи доверба. Потоа комуникацијата ја префрлаат на затворени канали, каде ги поттикнуваат децата да откријат лични информации, како адреса на живеење. Следуваат уцени или подмити за да ги натераат да извршат насилство – од мачење и самоповредување до убиство или самоубиство.

Европол регистрирал 105 случаи во кои малолетници биле вклучени во насилни злосторства „извршени како услуга“, меѓу кои и 10 нарачани убиства. Во многу случаи, обидите пропаѓаат бидејќи децата немаат искуство. Сепак, последиците може да бидат трагични.

„Имаме и случаи кога детето одбива да го изврши налогот, а тогаш криминалците, на пример, го убиваат домашното милениче. Детето веднаш разбира: ‘Знаеме каде живееш, знаеме кој си, ќе слушаш. Ако не, можеме да одиме уште подалеку – да ти ја убиеме мајката или таткото’“, предупредува Де Бол.

Криминалците нудат и пари – понекогаш до 20.000 долари за убиство. Иако најчесто таргетираат ранливи деца, жртви на врсничко насилство или со психолошки тешкотии, Де Бол посочува дека и децата од стабилни семејства се во опасност. „Некои едноставно сакаат скапи патики – и криминалците тоа го користат.“

Де Бол додава дека млади понекогаш ги врбуваат и државни актери како дел од хибридно војување – за прислушување комуникации или собирање податоци.

Нови закани: нарко-подморници и злоупотреба на вештачка интелигенција

Во разговорот таа истакна и други растечки закани. Меѓу нив – употребата на таканаречени нарко-подморници за шверц на кокаин од Јужна Америка до Европа, како и експлозијата на онлајн измами поттикната од развојот на вештачката интелигенција.

Криминалците веќе не се потпираат само на големите европски пристаништа како Хамбург, Ротердам и Антверпен. Сега користат и полуподморници кои го пренесуваат товарот до северноатлантскиот брег, каде го преземаат глисери и го префрлаат – најчесто преку Португалија.

Иако Европа е „преплавена со дрога“, Де Бол вели дека криминалните организации уште полесно и побрзо заработуваат преку интернет-измами. „Вештачката интелигенција е мултипликатор на криминалот. Сè се прави илјадници пати побрзо.“

AI овозможува многу поубедливи измамнички пораки, а „романтичните измами“ исто така се во пораст. Со deepfake-видео и генератори за глас, станува сè потешко за истражните органи да ја утврдат автентичноста.

Поради тоа, Де Бол нагласува дека Европол мора – со судска одлука – да има пристап до шифрираните комуникации. „Без таков пристап, полицијата ќе биде слепа и нема да може да ја врши својата работа“, заклучува таа.

Зачлени се на нашиот е-билтен