Европол ја разби мрежата: Уапсен Србин со 11 Еквадорци, запленети 9,3 тони кокаин вредни 200 милиони долари

Во меѓународна полициска акција предводена од Европол, во Еквадор беа запленети над 9,3 тони кокаин и беа уапсени 26 лица во повеќе земји, меѓу кои и еден српски државјанин и 11 Еквадорци.

Според соопштението на Европол, криминалната мрежа користела компании за обезбедување како параван за регрутирање лица, поставувајќи ги во клучни пристаништа во Еквадор – жаришта на трговијата со кокаин кон Европа. Со истите компании биле набавувани и оклопни возила и оружје, кое подоцна завршувало кај локални банди.

Истражната постапка започнала во 2020 година во Белгија, кога беа уапсени 14 лица и беа одземени 4,6 тони кокаин. Последната фаза се одвила на 3 септември 2025 година во областа Гвајакил, со апсење на 12 осомничени и изведување на 21 претрес. При тоа биле пронајдени три оклопни возила, 27.000 долари, оружје и електронска опрема.

Од 2020 година досега, истрагата доведе до заплена на повеќе од 9,3 тони кокаин во Еквадор, Белгија и Холандија. Европол нагласува дека акцијата е пример за блиската соработка меѓу европските и латиноамериканските безбедносни служби.

Министерот за внатрешни работи на Еквадор, Џон Рајмберг, изјави дека криминалната група користела легални компании за извоз како прикритие за испорака на дрогата кон Европа, при што само со оваа операција на криминалците им е нанесена штета од околу 200 милиони долари.

Во акцијата учествуваа над 200 полицајци, 16 обвинители и експерти од Европол.

Зачлени се на нашиот е-билтен