Европол откри масовна расистичка и ксенофобна пропаганда на гејминг-платформи

Европол соопшти дека поддржал голема меѓународна операција насочена кон идентификација и отстранување на расистичка и ксенофобна пропаганда што се шири преку гејминг-платформи и онлајн игри. Акцијата била спроведена во соработка со осум држави: Данска, Финска, Германија, Луксембург, Холандија, Португалија, Шпанија и Велика Британија.

Според соопштението, биле откриени илјадници URL-адреси поврзани со опасни и незаконски содржини. Во рамките на оперативната акција што ја спроведе Единицата за интернет на Европската Унија (EU IRU) на 13 ноември, биле идентификувани околу 5.408 линкови со џихадистички материјал, 1.070 линкови со насилен, десничарски или терористички материјал, како и 105 линкови со расистички и ксенофобни содржини.

Европол истакнува дека оваа заедничка акција ја покажува комплексноста на борбата против опасниот онлајн материјал што циркулира во светот на видео игрите. Таквиот материјал може да биде создаден или снимен во рамки на самата игра, преку чет-функции, или модифициран со насилен жаргон, емотикони или музика, а потоа да се дистрибуира на мејнстрим социјалните мрежи.

Експертските тимови анализирале голем број платформи што ги користат и млади и возрасни, при што утврдиле дека играчите можат да се соочат со широк спектар на опасни содржини. Дел од нив овозможуваат симулирање терористички напади, пукање во училишта или егзекуции во 3D-формат, како и креирање видеа со насилни пораки кои потоа се споделуваат на социјалните мрежи.

Покрај тоа, одредени гејминг-платформи се користат за регрутација малолетници во екстремистички или терористички групи, за лајвстрим на реални напади, па дури и на самубиства. Во текот на операцијата биле откриени и хибридни платформи кои комбинираат стриминг со продажба на видеоигри, а чии профили тешко се препознаваат како проблематични на прв поглед.

Превентивните активности на EU IRU се насочени кон три главни сегменти: мониторинг и анализа на терористички онлајн содржини, нивно откривање и развој на јавнo-приватни партнерства.

Оваа операција произлегла од заедничката работа на повеќе европски служби кои долго време ги следеле злоупотребите на гејминг-платформите. Таа е дел и од неколку истраги поддржани од Европскиот центар за борба против тероризмот при Европол. Освен тоа, Европол организирал повеќе оперативни состаноци за размена на информации и добри практики меѓу државите учеснички.

N1info.rs

Зачлени се на нашиот е-билтен