Европската „јаглеродна такса“ ќе ги поскапи македонските производи

Новата такса за емисија на јаглероден диоксид што Европската унија ќе ја воведе од 1 јануари 2026 година ќе има директно влијание врз крајната цена на македонските извозни производи, предупредуваат од Македонската асоцијација на метална индустрија (МАМЕИ). Според нив, македонските компании веќе активно се подготвуваат за новиот режим, но потенцираат дека за конкурентно прилагодување ќе бидат неопходни поволни зелени кредити.

Претседателката на МАМЕИ, Марта Наумовска-Грнарова, вели дека воведувањето на т.н. јаглеродна такса (Carbon Border Adjustment Mechanism – CBAM) ќе предизвика ценовен удар што неизбежно ќе се пренесе низ целиот синџир на производство и продажба. „Цената ќе биде оптеретена и тоа е домино ефект што ќе се одрази на сите нивоа. Сепак, нашите компании веќе подолго време се подготвуваат и размислуваат како да се справат со новите обврски,“ изјави таа, додавајќи дека финансиска поддршка преку зелени кредитни линии би им помогнала на фирмите побрзо да инвестираат во поодржливо производство.

Во моментов сè уште не е познато колкава точно ќе биде давачката што ќе треба да ја плаќаат македонските извозници, особено оние во челичната, алуминиумската и цементната индустрија.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска најави дека следната недела во земјава ќе пристигне Артур Лорковски, директор на Секретаријатот на Европската енергетска заедница, за да се разговара за деталите околу примената на механизмот.

Божиновска појасни дека при пресметката на јаглеродниот данок, ќе се зема предвид „енергетскиот микс“ на Македонија, а не поединечните компании. „Минатата година 40% од нашето производство на електрична енергија беше од обновливи извори, што би можело да влијае позитивно врз вкупната пресметка. Сепак, конечни информации сè уште нема – очекуваме повеќе детали по средбата со претставниците на Брисел,“ изјави министерката.

Иако новата европска регулатива ќе претставува дополнителен финансиски товар за македонските извозници, таа во исто време може да биде поттик за модернизација на индустријата. Компаниите што ќе инвестираат во енергетска ефикасност и обновливи извори ќе имаат предност на европскиот пазар, каде што се очекува раст на побарувачката за „чисти“ производи.

Како што велат од МАМЕИ, предизвикот е голем, но неизбежен – македонската метална и тешка индустрија ќе мора да ја прифати зелената транзиција не само како обврска, туку како услов за опстанок и конкурентност во новата европска економија.

Извор: Независен

Зачлени се на нашиот е-билтен