Европската комисија спроведе ненадејна инспекција во компанија за вакцини

Европската комисија соопшти дека спровела ненадејна инспекција во просториите на една компанија од секторот за вакцини, поради сомнеж за можно нарушување на правилата за фер конкуренција преку „омаловажување“ на ривалите.

Во соопштението не се наведува за која компанија станува збор, ниту кој тип на вакцина е во прашање. Инспекторите на ЕУ биле придружувани од националниот регулатор за заштита на конкуренцијата во една земја членка, чиј идентитет исто така не е објавен.

Според Европската комисија, предмет на истрагата е можна практика на истиснување на конкурентите од пазарот преку ширење сомнеж во нивните производи.

Во асоцијацијата на производители на вакцини „Vaccine Europe“ членуваат големи компании како Модерна, Санофи, Кјурвак, АстраЗенека, ГСК, Фајзер, Џонсон & Џонсон, Новавакс, Абот и Такеда.

Европската комисија потсетува дека неодамна заврши две слични истраги во фармацевтскиот сектор. Израелската „Тева“ доби казна од 462,2 милиони евра за злоупотреба на доминантна позиција и омаловажување на конкуренцијата околу лекот „Copaxone“ за мултиплекс склероза. Под лупа беше и „Вифор“ поради практики поврзани со лекот „Monofer“ за недостаток на железо.

Засега не се откриваат детали за тековната инспекција во секторот за вакцини.

Зачлени се на нашиот е-билтен