Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Европскиот парламент го отвори патот за финансирање на изградбата на оградата кај Еврос

Европскиот парламент ја поддржа можноста за финансирање од ЕУ за продолжување и проширување на оградата во Еврос, порача портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому по денешното гласање во ЕП за амандманот на Европската народна партија (ЕПП) за финансирање на инфраструктурата на надворешните граници на Унијата, јави дописничката на МИА од Атина.

Европскиот парламент го отфрлил амандманот на европратеникот од СИРИЗА и потпретседател на ЕП Парламент Димитрис Пападимулис за забраната да се користат европски фондови за изградба на огради на надворешните граници на Унијата, со што се отвори патот за финансирање на изградбата на оградата кај Еврос.

Иконому рече дека „падна тажниот обид на Пападимулис и СИРИЗА да го отежнат продолжувањето на оградата во Еврос, преку која се зајакнува чувањето на границите на Грција и следствено на ЕУ“

Министерот за миграција и азил на Грција Нотис Митаракис преку Твитер коментираше дека ЕПП и ЕУ дале одговор.

Ги чуваме нашите граници, ја промовираме миграцијата со правила. Нова демократија во ЕП и грчката Влада во Советот, координирано и со план се справивме со мигрантската криза, напиша Митаракис.

Продолжувањето на изградбата и проширувањето на оградата на границата на Грција со Турција, во изминатиот период беше една од темите за кои постоеја препукувања меѓу власта и опозицијата во Грција, а грчкиот премиер порача дека „со или без европски пари, оградата кај Еврос ќе биде изградена“.

Пред 20 дена, токму во Еврос беше потпишан и договорот за изградба на дополнителни 35 километри од оградата.

Како што тогаш објави МИА, според информациите од грчката Влада, изградбата чини 99,2 милиони евра, а новата ограда „ќе ја зајакне ефикасноста на постоечката ограда од 37,5 километри долж грчко-турската граница“, додека пак планирано е во иднина да достигне до 140 километри.

Извор: МИА

Зачлени се на нашиот е-билтен