Европскиот парламент разгледува можност да ја прошири забраната за лобирање што веќе ја има воведено за лобистите на Амазон, така што ќе ги опфати и сите лобистички групи и организации кои се поврзани со компанијата, пишува Политико.
Овој потег би претставувал сериозна ескалација на тековниот судир околу условите за работа во магацините на Амазон, кој веќе доведе до повлекување на пристапните беџови за лобирање на претставниците на компанијата во Европскиот парламент уште на почетокот од минатата година.
Во документот се наведени неколку опции за Комисијата за вработување на Европскиот парламент како одговор на, како што велат европратениците, „недостатокот на отчетност на Амазон“ за контроверзните работни практики, како и повтореното игнорирање на институцијата.
Меѓу можностите се предлага и „препорака за проширување на постојната забрана за лобирање во Европскиот парламент така што таа би ги вклучила и трети страни – лобистички фирми кои ги застапуваат интересите на Амазон, а не само вработените во компанијата“, стои во белешката.
Таквата мерка би ги заострила односите со Амазон бидејќи би ја ограничила работата на десетици организации со седиште во Брисел, вклучувајќи ги моќните технолошки здруженија DigitalEurope, CCIA Europe, ITI и други, каде што Амазон е член или партнер.
Двајца службеници од Парламентот, под услов на анонимност за Политико велат дека засега не е донесена формална одлука.
И покрај постојните ограничувања, Амазон и натаму успева да остварува средби со членови на Европскиот парламент на нивна покана. Според податоци на невладината организација Транспаренси Интернешенал, од почетокот на овој мандат се евидентирани најмалку 64 такви средби.
Пратениците исто така размислувале да ѝ предложат на Европската комисија да ги преиспита сите јавни набавки од Амазон. Сепак, во документот се наведува дека „најголемиот дел од тие договори се однесуваат на веб-услуги и затоа не се во надлежност на Комисијата за вработување“.
Дополнително, како опција се споменува и организирање ново јавно сослушување со претставници на Амазон.
Во јуни, Европскиот парламент ги откажа поканите до високи претставници на Амазон за учество на сослушување поврзано со условите за работа во нивните магацини, откако пратениците оценија дека предложените говорници немаат доволно високи позиции за да одговорат за обвиненијата против компанијата.
Амазон предложи да испрати двајца свои потпретседатели, Стефано Перего (операции) и Луси Кронин (јавна политика во ЕУ), но тоа не ги задоволи очекувањата на европратениците.
„Ги поканивме претставниците на Амазон на сослушување, под услов да се на доволно високо менаџерско ниво“, изјави претседателката на Комисијата за вработување, Ли Андерсон, за Политико.
Таа истакна дека одговорноста за контроверзните работни практики, како отпор кон синдикатите и користење на инвазивен надзор, лежи кај врвниот менаџмент на Амазон.
Во обид да избегне нов судир пред јуниското сослушување, Амазон се обрати до претседателката на Парламентот, Роберта Мецола, нудејќи ѝ средба во Вашингтон со еден од највисоките извршни директори на компанијата, пишува Политико.
Портпаролката на компанијата, Сара Тап, рече: „Се надеваме дека Европскиот парламент ќе остави простор за умерени гласови и дискусија базирана на факти, фокусирана на логистичката индустрија во поширока смисла и придонесот на Амазон за европската економија и општество“.
Таа додаде дека „Амазон и понатаму има пристап до Европскиот парламент, па постојаното медиумско известување за спротивното е фактички неточно“.