Европски совет денеска одлучи да ги продолжи рестриктивните мерки на Европска унија против Русија за дополнителни шест месеци, односно до 31 јули 2026 година. Како причина се наведуваат, континуираните дејствија на Руската Федерација кои ја дестабилизираат состојбата во Украина.
На официјалната веб-страница на Европскиот совет се наведува дека економските мерки опфаќаат широк спектар секторски ограничувања, вклучувајќи трговија, финансии, енергетика, технологија и производи со двојна намена, индустрија, транспорт и луксузна стока.
Мерките, меѓу другото, вклучуваат забрана за увоз или трансфер на сурова нафта и одредени нафтени деривати од Русија во ЕУ, исклучување на неколку руски банки од системот SWIFT, како и суспензија на емитување и одземање лиценци во Европската унија на одредени медиуми кои, според Брисел, шират дезинформации и се поддржани од Кремљ. Дополнително, воведени се и конкретни механизми со кои ЕУ се обидува да спречи заобиколување на санкциите.
Од Европскиот совет потсетуваат дека овие економски санкции првпат беа воведени во 2014 година, а значително проширени од февруари 2022 година, како одговор на, како што се наведува, „со ништо предизвиканата, неоправдана и незаконска воена агресија на Русија врз Украина“.
Во соопштението се додава дека рестриктивните мерки ќе останат на сила или ќе бидат дополнително заострени, доколку е потребно, сè додека „незаконските дејствија на Руската Федерација продолжуваат да ги кршат основните правила на меѓународното право, вклучувајќи ја и забраната за употреба на сила“.