По кризните состаноци во Париз и Лондон, европските лидери сега се собираат во Брисел на „специјален самит“ на кој фокусот се плановите за огромно воено засилување. Во нацрт-заклучоците, во кои увид имаше Радио Слободна Европа, се споменува зајакнување на воздушната одбрана, артилерија и „длабоки прецизни капацитети за напад“.
„Европската Унија навистина ќе ја сврти страницата“ на одбраната, изјави висок претставник на ЕУ во пресрет на самитот. Тој додаде дека има јасна подготвеност „од сите“ за ова.
Настанот на 6 март првпат беше најавен на 27 февруари, како одговор на брзите дипломатски случувања. Но, оттогаш, темпото стана уште побрзо – со последниот настан во Овалната соба, по што Вашингтон ја замрзна воената помош за Украина.
Најавено е учество на украинскиот претседател Володимир Зеленски, иако се уште не се знае дали тоа ќе го направи лично или виртуелно.
Клучна точка ќе биде планот најавен од шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на 4 март наречен План за вооружување на Европа.
Тој предвидува 800 милијарди евра (844 милијарди американски долари) за земјите-членки на ЕУ да ги потрошат за одбрана.
Нацрт-заклучоците на самитот го поздравуваат планот, поставувајќи ја основата за подетални планови што ќе бидат одобрени на следниот Европски совет кој ќе се одржи на 20-21 март.
Истакнувајќи ја потребата за „суштинско зголемување на трошоците за одбрана“, текстот повикува на „акција на ниво на ЕУ“ за зајакнување на воените капацитети наспроти „заканите што ги претставуваат Русија и Белорусија“.
Лидерите на ЕУ, исто така, треба да ги поздрават новите правила за заеми наведени од Европската инвестициска банка, ослободувајќи средства за финансирање проекти како касарни и воени болници.
Пред самитот, имаше генерално позитивен одговор на писмото на Урсула фон дер Лајен.
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок рече дека тоа е „важен прв чекор“, додека грчкиот премиер Киријакос Мицотакис објави на социјалните мрежи:
„Сега мора да ги разработиме деталите“.
Ова го одразува фактот дека, и покрај оптимистичката реторика на европските функционери, многу од деталите сè уште остануваат да се прецизираат и има прашања за тоа дали вкупната цена е реална.
Критичарите тврдат дека ЕУ не создава достапни нови пари, туку само ги преуредува постоечките буџетски елементи.
Може ли Европа да се одбрани без помош од САД?
Планот доаѓа откако Вашингтон најави пауза на својата воена помош за Украина, а некои го оквалификуваа како Европа да се подготвува за најлошото сценарио без американски безбедносен чадор.
Генерално, европските политичари го отфрлија ова.
„Не треба да се откажеме од САД“, рече чешкиот министер за надворешни работи Јан Липавски на 4 март.
Британскиот премиер Кир Стармер им рече на новинарите на конференцијата во Лондон викендот: „Не прифаќам дека САД се несигурен сојузник“.
Но, фактот што тие воопшто кажуваат такви работи е знак за тоа колку е „потресена“ Европа од одлуките и изјавите што се носат во Вашингтон.
И во пресрет на самитот, францускиот претседател Емануел Макрон покрена дополнителни сомнежи.
„Сакам да верувам дека САД ќе останат на наша страна“, рече тој во телевизиска емисија упатена до нацијата.
„Но, мора да бидеме подготвени ако тоа не е случај“, додаде Макрон.
Може ли Зеленски да ги поправи односите со Трамп?
„Ситуацијата во Украина, особено со оглед на позицијата на новата американска администрација, се промени. Ова е почетна точка за специјалниот Европски совет“, рече високиот претставник на ЕУ.
Европските лидери ќе одлучат што можат да направат за да ја пополнат празнината што ја остави замрзнувањето на помошта за поддршка на вооружените сили на Украина. Но, не се очекува самитот да даде значителни најави за ова.
Главниот фокус останува поправка на јазот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володомир Зеленски и имаше одредено раздвижување околу тоа во деновите пред самитот.
Во своето обраќање пред Конгресот на 4 март, Трамп рече дека Зеленски му пишал по нивната неодамнешна пресметка во Овалната соба и дека украинскиот лидер е подготвен да се врати на преговарачката маса.
Следниот ден, неговиот советник за национална безбедност, Мајк Волц, за Фокс њуз изјави дека паузата за воената помош може да биде укината доколку Украина потпише договор со кој Вашингтон ќе добие пристап до ретките минерали што друг американски функционер рече дека е сè уште можно откако Зеленски изрази жалење за судирот во Белата куќа.
Во меѓувреме, прес-секретарката на Белата куќа, Каролин Левит, рече:
„Верувам дека Советот за национална безбедност го преиспитува финансирањето за Украина, паузата во финансирањето“.
Исто така, на 5 март, портпаролката на француската влада им изјави на новинарите дека претседателот Емануел Макрон размислува за заедничка посета со Зеленски и британскиот премиер Кир Стармер во Вашингтон, од кои сите тројца беа во главниот град на САД минатата недела.
Но, официјален претставник на Париз подоцна појасни дека сè уште нема одредени планови за ова.
Прашањето за Украина може да го открие и недостигот на единство на ЕУ на специјалниот самит.
По телевизиското обраќање до нацијата на 5 март, Макрон вечераше со унгарскиот премиер Виктор Орбан во Елисејската палата во пресрет на самитот. Негова цел беше да се обиде да го натера Орбан, кој негува блиски врски со рускиот претседател Владимир Путин, да се приклучи на изјавата за поддршка на Украина.
Можно е Унгарија да го потпише планот за вооружување на Европа, но да одбие да ги одобри заклучоците за Украина.
Во неговите телевизиски изјави, Макрон рече дека би било „лудост“ да се игнорира заканата од Русија за Европа и рече дека е отворен да разговара за проширувањето на француското нуклеарно одвраќање кон сојузниците на Париз на континентот.
Кој би можел да испрати војници во Украина?
Како што беше наведено, оваа средба следи по низата претходни кризни собири, последен во Лондон на 2 март.
Клучниот резултат од тој состанок беше дека Британија, Франција и другите земји ќе работат на заеднички мировен план со Украина, кој потоа ќе го однесат во Вашингтон. Можеби ќе има одредена дискусија за ова на маргините во Брисел, но по Брегзит, ова е нешто што се развива надвор од состаноците на ЕУ.
Друга клучна точка од неодамнешните разговори е планот за формирање на европски воени сили кои ќе бидат распоредени во Украина како дел од прекин на огнот или мировен договор.
Досега, Британија и Франција изјавија дека се подготвени да испратат војници во Украина. Стармер во Лондон рече дека и други земји биле заинтересирани за тоа, но одби да ги именува.
Високиот претставник на ЕУ потврди дека земјите-членки изразиле подготвеност, но „да се навлегува во детали е прерано“. Сепак, додаде тој, „работата треба да започне и овој Европски совет е добар момент за тоа“.
Извор Радио Слободна Европа