Европските земји ги зголемуваат инвестициите во одбраната: Која земја има најсилна воена сила?

pyright Copyright info Public Domain Dedication. Public Use Notice of Limitations: https://www.dvidshub.net/about/copyright
pyright Copyright info Public Domain Dedication. Public Use Notice of Limitations: https://www.dvidshub.net/about/copyright

Европските земји, предводени од Германија, најавуваат значително зголемување на инвестициите во одбраната – до пет проценти од БДП. Овој пресврт доаѓа како одговор на растечките безбедносни закани во светот, но и како резултат на амбициите за зајакнување и модернизација на воената моќ на континентот.

Германија: Амбиции за најсилна армија во Европа

Германија планира историски пресврт во својата воена политика, најавувајќи зголемување на трошоците за одбрана на дури пет проценти од БДП. Министерот за надворешни работи Јохан Вадефул ја објави оваа одлука на состанокот на НАТО во Анталија, нагласувајќи дека целта е да се создаде „конвенционално најсилната армија во Европа“.

Бундесверот моментално има околу 182.000 војници, со планови тој број да се зголеми на 240.000 до 2031 година. Владата веќе издвои посебен фонд од 100 милијарди евра за модернизација на опремата, замена на стари тенкови, авиони и воени бродови, како и за подобрување на дигитализацијата и командните системи. Сепак, експертите предупредуваат дека двојно повеќе трошоци ќе претставуваат значителен товар за германскиот буџет, пренесува Дојче веле.

Полска: Бастион на Источна Европа

Во последниве години, Полска инвестираше многу во модернизација на својата војска, со цел да стане најсилната копнена сила на континентот. Минатата година, дури 4,12% од БДП беа издвоени за одбрана, што е еден од највисоките проценти во Европа.

Полската армија моментално брои околу 150.000 војници, но планот е тој број да се зголеми на 300.000 до 2035 година. Варшава, исто така, нарачала повеќе од 600 тенкови од Јужна Кореја и САД, како и напредни ракетни системи HIMARS, беспилотни летала и борбени авиони Ф-35. Додека копнената армија е меѓу најсилните, полската морнарица останува најслабата алка.

Франција: Нуклеарна сила со глобални амбиции

Франција е единствената нуклеарна сила во рамките на Европската Унија, со јасна цел да одржи глобално воено присуство и стратешка независност. Во нејзината армија служат околу 203.000 војници, со дополнителни 175.000 припадници на жандармеријата и 26.000 резервисти.

Француската морнарица се гордее со носачот на авиони „Шарл де Гол“ на нуклеарен погон, стратешки подморници и борбени авиони „Рафал“, кои се способни да носат нуклеарно оружје. Претседателот Емануел Макрон значително го зголеми воениот буџет од 2017 година, истакнувајќи ја опасноста од „руската закана“. Благодарение на силната домашна индустрија и државната поддршка, Франција изгради војска која е високо ефикасна и борбено подготвена.

Велика Британија: Добро вооружена, но ранлива

Велика Британија инвестира 2,4% од БДП во војската, со фокус на високотехнолошка опрема како што се беспилотни летала, вештачка интелигенција и ласерски системи. Кралската морнарица има два носачи на авиони, иако само еден е моментално во функција.

Британските воздухопловни сили се меѓу најмодерните во Европа, предводени од американските авиони Ф-35Б, од кои Лондон планира да набави вкупно 138. Сепак, со околу 140.000 војници, британските вооружени сили остануваат релативно мали, а нивната зависност од американската технологија, особено во нуклеарното оружје, е ранливост.

Италија: Воздухопловна и поморска моќ, слаба на копно

Италија моментално инвестира 1,49% од БДП во одбраната, но премиерот Џорџо Мелони планира значително да го зголеми тој процент. Италија има 165.000 војници, два носачи на авиони и модерна воздухопловна флота.

Сепак, копнените сили се сметаат за застарени и бараат сериозна модернизација. Италија веќе нарача повеќе од 1.000 нови борбени тенкови од германскиот „Рајнметал“, со цел да ја зајакне својата позиција на европската воена сцена. Фокусот на Италија останува на безбедноста на Медитеранот и зачувувањето на трговските патишта.

Зачлени се на нашиот е-билтен