Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Евростат: Основните животни трошоци се зголемиле четири пати побрзо од платите

Најосновните трошоци за живот, како што се домувањето и комуналните услуги, се зголемиле четири пати побрзо од платите низ Европската унија минатата година, покажуваат податоците на Евростат објавени на веб-страницата на Обединетите гранкови синдикати „Независност“.

Цената на работната сила на час пораснала во просек за 4,4 отсто во земјите од Европската унија во 2022 година, покажуваат најновите податоци на европската статистичка служба Евростат.

Кога ќе се спореди растот на платите со стапката на инфлација од 9,2 отсто во ЕУ минатата година, произлегува дека зголемувањето на платите минатата година компензирало само половина од зголемувањето на трошоците на живот.

Јазот меѓу платите и инфлацијата е уште поголем кога станува збор за најосновните трошоци за живот: трошоците за домување и комунални услуги (18 отсто од вкупните трошоци) се зголемиле четири пати побрзо од платите, додека транспортот и храната (12 отсто) се зголемиле за три пати побрзо.

Реалните плати, кои укажуваат на движењето на платите во однос на инфлацијата, минатата година паднаа во сите земји-членки на ЕУ во просек за девет отсто. За споредба, реалниот профит е зголемен за еден процент, покажуваат податоците на Евростат.

Податоците на Европската централна банка (ЕЦБ) покажуваат дека зголемувањата на профитните маржи во 2021 и 2022 година биле повисоки од зголемувањето на трошоците за работна сила по единица производ, што значи дека порастот на профитните стапки има позначајна улога во поттикнувањето на инфлацијата.

Коментирајќи ги овие податоци на Еуростат, генералниот секретар на Европската конфедерација на синдикати, Естер Линч оцени дека поскапувањето го загрозува животниот стандард на вработените и нивните семејства.

„Овие бројки се уште еден доказ дека работниците се жртви на инфлацијата, а не нејзина причина. Зад овие бројки стојат вистински луѓе кои се борат да обезбедат храна за своите семејства, да ги загреат домовите, па дури и да си дозволат превоз до нивното работно место“, рече Линч.

Таа додаде дека падот на животниот стандард на работниците е резултат на тоа што компаниите, особено тие од енергетскиот и прехранбениот сектор, ги користат проблемите со снабдувањето за да ги зголемат цените и да остварат рекорден профит.

Според неа, „време е политичарите да престанат да ги казнуваат жртвите на инфлацијата со намалување на платите и да се справат со вистинската причина за инфлацијата со оданочување на вишокот профит“.

Зачлени се на нашиот е-билтен