Поранешната висока претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, е официјално обвинета за процедурни измами и корупција поврзани со договор за обука на идни дипломати во Академијата „Колеџ Европа“, институција со која таа раководи од 2020 година.
Могерини беше уапсена во вторникот и сослушана од белгиската полиција, а по ноќното задржување сите инволвирани беа пуштени на слобода. Според белгиското обвинителство, истрагата се однесува на програмата за обука на помлади дипломати финансирана од Европската унија, која Европската служба за надворешно дејствување ѝ ја доделила на Академијата за 2021 и 2022 година.
Фокусот на истражителите е дали тендерската постапка била наместена во корист на институцијата што Могерини ја предводи. Европски извори за France24 наведуваат дека спорниот договор изнесувал околу 650.000 евра.
Могерини во 2022 година го презеде и раководењето со Дипломатската академија на ЕУ. Истрагата продолжува, а европските институции засега не излегоа со официјален коментар за случајот.