Гигантот на социјалните мрежи Мета наскоро ќе ги врати профилите на Фејсбук и Инстаграм на поранешниот американски претседател Доналд Трамп со „нови безбедносни правила“, две години откако беше забранет поради нападот врз Капитол во 2021 година.
„Ќе ги вратиме профилите на Фејсбук и Инстаграм на г-дин Трамп во наредните недели“, рече Ник Клег, претседателот за глобални прашања на Мета, во изјавата, додавајќи дека враќањето ќе биде со „нови заштитни мерки за да се спречат повторни прекршувања“.
Во иднина, проминентен лик може да биде суспендиран до две години за какво било прекршување на политиките на платформата, рече Клег.
Не е јасно кога и дали Трамп, кој веќе најави трета кандидатура за Белата куќа, ќе се врати на платформите, а неговите претставници веднаш не одговорија на барањето за коментар.
Но, 76-годишниот тајкун одговори на типичен начин, велејќи дека Фејсбук изгубил „милијарди долари“ поради негово отсуство.
„Ова никогаш повеќе не треба да му се случи на актуелен претседател или на некој друг кој не заслужува одмазда!“, рече тој на својата платформа „Truth Social“.