Финските медиуми: Русија гради воен град на границата со Финска

Финската јавна радиотелевизија Yle објави нови сателитски снимки кои откриваат дека Русија започнала со изградба на нов воен град во близина на границата со Финска, во регионот на Лапонија. Станува збор за гарнизонот Лупче-Савино во градот Кандалакша, каде досега постоела само складишна активност, но од зимоска се вршат обемни ископувања и изградба на нова инфраструктура.

Според официјални информации од Мурманскиот регион, тука се планира сместување на нова артилериска бригада и инженерска единица, со вкупно над 2.000 војници. Воениот аналитичар и пензиониран мајор на финската разузнавачка служба, Марко Еклунд, вели дека обемот на проектот укажува на трајно засилување на руското воено присуство, а не само на поддршка за војната во Украина.

Покрај Кандалакша, Yle регистрира активност и во други гранични области, како Сапјорное и Петрозаводск, каде се складира, сервисира и надградува постара советска воена опрема.

Најзначајно, Русија воспоставува нов армиски корпус – 44. армиски корпус – во Република Карелија, со капацитет до 15.000 војници, што дополнително го зголемува стратешкото значење на целиот регион.

Според Еклунд, Кандалакша е особено чувствителна точка бидејќи го поврзува полуостровот Кола, каде се базира руската северна нуклеарна флота, со остатокот од Русија. Загубата на тој „тесен премин“, вели тој, би претставувала стратешки ризик за Москва.

Финските власти засега не објавија официјален коментар, но развојот се следи со загриженост поради растечките тензии во регионот откако Финска стана членка на НАТО во 2023 година.

Зачлени се на нашиот е-билтен