Флотата на Грета Тунберг се приближува до „портокаловата линија“ – дали Израел ќе интервенира?

Принтскрин од видео на Топ Ченел, Албанија
Принтскрин од видео на Топ Ченел, Албанија

Флотата со хуманитарна помош, во која се наоѓаат Грета Тунберг, европратеничката Рима Хасан и актерот Лијам Канингам, е на пат кон таканаречената „портокалова линија“ – координата во меѓународни води која активистите ја сметаат за критична точка каде Израел претходно пресретнувал бродови што се упатувале кон Појасот Газа.

Координаторот Киријан Андрију изјави дека линијата ќе ја достигнат за околу пет дена, а меѓу активистите владее загриженост поради зголеменото присуство на дронови во областа. „Сè е добро денес, но внимаваме,“ рече Андрију.

Флотата „Global Sumud Flotilla“ брои над 50 чамци со активисти, лекари и јавни личности од 44 земји. Целта им е да го пробијат израелскиот поморски обрач околу Газа и да испорачаат хуманитарна помош.

Напнатоста дополнително ја зголемуваат претходните инциденти. Во мај годинава бродот „Conscience“ бил погоден од дрон во меѓународни води кај Малта, што предизвикало пожар и сериозни оштетувања. Иако немало жртви, случајот предизвика критики кон израелските власти. На 9 септември, пак, уште едно пловило од флотата беше запалено во близина на Тунис. Додека властите во Тунис тврдат дека пожарот избил одвнатре, активистите објавија снимки на кои се гледа сјаен објект што удира во бродот.

Активистите нагласуваат дека ќе останат мирни и нема да одговорат со насилство, а европски политички групи бараат почитување на меѓународното право.

Флотата доаѓа во момент кога состојбата во Газа е под жестока меѓународна осуда поради блокадата, офанзивата и недостигот на храна, кои сериозно го загрозуваат цивилното население.

Зачлени се на нашиот е-билтен