Во новиот геополитички контекст, Европа се соочува со два пата по кои може да оди – да продолжи како досега или да го искористи моментот и да ги мобилизира огромните ресурси што ги има за одбрана на демократијата, нагласи претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во писмото до лидерите на земјите-членки на ЕУ.
„Има два можни патишта пред нас. Првиот е да го поминеме овој период со усвојување менаџерски пристап кој ни овозможува да дејствуваме на ситуацијата на теренот, во Украина или на друго место, поединечно или постепено“, им напиша Фон дер Лајен на лидерите на ЕУ пред вонредниот самит, кој ќе се одржи во четврток, посветен исклучиво на европската одбрана и поддршката за Украина.
„Втората е да ја искористиме можноста, да ги мобилизираме огромните ресурси што ги има Европа, да го повикаме нашиот колективен дух да ја одбраниме демократијата. Верувам дека оваа втора опција е нашиот единствен избор. Тоа е, во крајна линија, нашата цел“, се вели во писмото.
Претседателката на ЕК вели дека втората опција бара ослободување на европскиот индустриски и производствен капацитет и негово фокусирање на безбедноста. „Безбедноста е она на што почива нашиот просперитет и од што зависи нашата слобода. Затоа мораме да воспоставиме пречка против оние кои сакаат да ни наштетат“, се наведува во писмото.
Фон дер Лајен наведува дека „Европа е многу благодарна“ на САД за поддршката и улогата што ја имаа за нивната безбедност во текот на децениите.
„Како претседателка на Комисијата, силните односи со САД се една од моите главни цели, билатерално и преку групата Г7“, посочува таа, додавајќи дека контекстот во кој се наоѓаме денес радикално и драстично се менува.
„Темлите врз кои беше изграден целиот повоен европски политички и економски поредок се разнишани до срж. А кога европскиот поредок е разнишан, историјата нè учи дека целиот меѓународен систем може да се дестабилизира“, се наведува во писмото на Фон дер Лајен.
Во своето писмо до лидерите на земјите-членки, претседателката на Комисијата наведе план од пет точки за вооружување на Европа, кој може да мобилизира близу 800 милијарди евра.
Најголем дел од оваа сума, околу 650 милијарди евра, би обезбедиле земјите-членки од нивните буџети, а останатите 150 милијарди би ги обезбедиле преку заедничко задолжување.