Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, не учествувала во разговорите иницирани од претседателот на САД, Доналд Трамп, во кои лидерите на одредени земји-членки на ЕУ биле запознаени со неговите планови за можен состанок со рускиот претседател Владимир Путин и организирање на тристран самит на кој би учествувал и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Според соопштението од Брисел, фон дер Лајен не била поканета на разговорот и немала пристап до неговата содржина додека траела комуникацијата. Сепак, портпаролката на Европската комисија, Аријана Подеста, потврди дека одредени лидери на земји-членки кои биле дел од разговорот, ја информирале фон дер Лајен за содржината и за дипломатските намери на Трамп.
Подеста истакна дека Европската комисија не е вклучена ниту во планирањето, ниту во евентуалната организација на најавениот состанок, нагласувајќи дека „форматот, времето и логистиката се целосно нејасни“.
„Нема поднесено барање, ниту донесена одлука за форматот на преговорите… Треба да видиме како ќе се развиваат работите понатаму,“ изјави Подеста.
На прашањето дали Европската Унија е разочарана поради тоа што нејзината претседателка не е вклучена во ваквите високи разговори за мир во Украина, што претставува еден од приоритетите на ЕУ, Подеста одговори негативно.
„Нема место за разочараност во нешто што не е побарано и за што нема донесена одлука,“ рече таа.
Според извештајот на Њујорк Тајмс, Трамп планира да се сретне со Путин веќе почетокот на следната недела. Европската комисија засега останува надвор од иницијативата.