Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека се разгледува можноста за ограничување на користењето на социјалните мрежи од страна на деца во Европската Унија.
Во нејзиниот годишен говор пред Европскиот парламент, фон дер Лајен истакна дека Комисијата ја следи политиката на Австралија, каде што тинејџерите под 16 години не можат да користат платформи како Snapchat, TikTok, Facebook, Instagram и X (поранешен Twitter).
„Го следам внимателно спроведувањето на нивната политика за да видам кои чекори можеме да ги преземеме овде во Европа. Ќе формирам панел на експерти кој ќе ми даде препораки до крајот на годината за најдобриот пристап за Европа“, рече фон дер Лајен.
Таа додаде дека процесот ќе биде внимателен и отворен за слушање на сите страни, со цел да се зајакнат родителите и да се создаде побезбедна Европа за децата.
Во моментов, забраните за користење на социјални мрежи од страна на малолетници се уредуваат на национално ниво. На пример, платформите TikTok и Instagram бараат корисниците да имаат најмалку 13 години.
Претседателот на Франција, Емануел Макрон, во јуни најави дека Франција ќе забрани пристап на деца под 15 години до социјални мрежи во рок од неколку месеци, доколку тоа не се направи на европско ниво.
Некои земји-членки, како Холандија, веќе советуваат родителите да не дозволуваат деца под 15 години да користат социјални мрежи поради психолошки и физички ризици.
Во јуни, Европската комисија објави насоки за заштита на малолетниците преку Законот за дигитални услуги (DSA), со цел заштита од ризици како што се злоупотреба, штетни содржини, проблематично и зависничко однесување, сајбер малтретирање и штетни комерцијални практики.
Комисијата најави дека ќе соработува со пет земји (Данска, Франција, Грција, Италија и Шпанија) за развој на национални системи за верификација на возраста.