Франција подготвена да испрати војска на Гренланд доколку тоа е потребно

Фото: World Economic Forum/Walter Duerst

Франција разговараше со Данска за испраќање војници на Гренланд како одговор на постојаните закани на американскиот претседател Доналд Трамп за анексија на данската територија, изјави францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро.

Запрашан за повиците за испраќање трупи на ЕУ на Гренланд, Баро во интервју за француското Радио Суд рече дека Франција „почнала да разговара за распоредување трупи со Данска“, но дека не е „желба на Данска“ да продолжи со идејата.

Коментарите на Баро дојдоа додека данската премиерка Мете Фредериксен беше среде молскавична турнеја низ европските метрополи за да добие поддршка од сојузниците во справувањето со Трамп.

Новоименуваниот американски претседател се повеќе се фокусира на барањето за огромниот арктички остров и не ја отфрли можноста за употреба на воена сила или економска принуда за да го одземе од Данска.

Фредериксен беше во Берлин и Париз за да разговара со германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон, а треба да се сретне и со генералниот секретар на НАТО Марк Руте во Брисел.

„Ако Данска повика на помош, Франција ќе биде таму“, рече тој. „Европските граници се суверени без разлика дали се север, југ, исток и запад… никој не може да си дозволи да се плетка со нашите граници“.

Баро, исто така, рече дека за време на состанокот на министрите за надворешни работи на Европската унија во Брисел во понеделникот, неговите колеги ја изразиле својата „многу силна поддршка“ за Копенхаген и „се подготвени да размислат за испраќање војници доколку е потребно“.

Францускиот министер за надворешни работи, сепак, рече дека не верува дека САД ќе го нападнат Гренланд. „Тоа нема да се случи, луѓето не ги напаѓаат териториите на ЕУ“, рече тој.

Зачлени се на нашиот е-билтен