Од 1 јули, Франција ќе го забрани пушењето на сите надворешни простори каде што често има деца, најави министерката за здравство и семејство Катрин Вотран. Новите правила ќе важат за плажите, јавните паркови и градини, автобуските станици, спортските терени и просторот околу училиштата.
„Цигарите мора да исчезнат таму каде што има деца. Слободата за пушење мора да престане таму каде што почнува слободата на децата да дишат чист воздух“, изјави Вотран, образложувајќи ја потребата од оваа рестрикција.
Забраната нема да важи за терасите на кафулињата и рестораните, ниту за електронските цигари.
Казната за прекршителите ќе изнесува 135 евра. Вотран додаде дека примената ќе биде во надлежност на редовната полиција, но очекува дека граѓаните ќе покажат одговорност и ќе се саморегулираат.
Иако 23,1% од Французите пушат секојдневно – што е најниска стапка досега – властите продолжуваат со мерките за заштита на јавното здравје. Потсетуваме дека пушењето во ресторани и ноќни клубови е забрането уште од 2008 година.