Познатиот француски готвач Марк Веира, кој пред пет години ја загуби судската битка против Мишелин поради спор околу суфле, сега ја предизвикува гастрономската „библија“ на нов начин – со забрана за нејзините инспектори во неговиот нов ресторан.
– Дури и поставив мал знак на влезната врата – изјави Веира за CNN. – Оваа година полнам 75 години и не сакам повеќе да полагам испити и да ме рангираат.
Новиот ресторан „Le Restaurant Marc Veyrat“ се наоѓа во елитното скијачко одморалиште Megève и нуди искуство кое чини 450 евра по лице. Ова е прв проект на Веира по судската битка од 2019 година, кога неговиот ресторан „La Maison des Bois“ беше деградиран од три на две ѕвезди од Мишелин.

Готвачот тогаш поднесе тужба, барајќи од Мишлен да го отстрани неговиот ресторан од водичот, но го загуби случајот. Веира и денеска ги нарекува инспекторите „некомпетентни,“ тврдејќи дека не препознале дека неговото спорно суфле е направено со локални сирења, а не со Чедар, како што наведоа.
По затворањето на „La Maison des Bois“, неговата ќерка го презеде ресторанот и го преименува во „Le Hameau de mon Père“ (Хамлетот на татко ми).

Веира го отвори новиот ресторан во Megève заради љубовта кон готвењето, но решен е да избегне вниманието на Мишелин. Иако има знак со забрана за инспекторите, нема гаранција дека некој од нив нема анонимно да ја посети неговата кујна.
Гостите кои ќе го посетат ресторанот имаат можност лично да го запознаат Веира, кој ги подготвува и презентира јадењата. На менито има специјалитети како тарталета со јастог и емулзија од диви билки, што ги одушевува гостите.

– Не го велам ова од его, но јас сум дел од архитектурата на ресторанот – се шегува Веира.
Иако цените се високи, Веира вели дека не заработува од овој ресторан, туку само сака да ги покрие трошоците и да обезбеди пристојни плати за персоналот.
Многу познати готвачи се изјаснија против водичот на Мишелин, вклучително и Себастиен Брас, кој во 2017 година побара неговиот ресторан да биде отстранет од водичот заради притисокот што го чувствувал.
За Веира, ова ново поглавје не е само борба против оценките на Мишлен, туку и промоција на локалната кујна, зачини и традиции. Неговата сопруга Кристин, која е клучен дел од ресторанот, ги подготвува неделните менија со јадења зготвени на отворен оган.
Со новиот ресторан, планови за книга и кампања против брзата храна, Веира вели:
– Немам време да остарам.