За Русија како земја нема место на Олимпијадата во Париз во 2024 година и на Игрите следната година не треба да се користи руско знаме, изјави францускиот претседател Емануел Макрон, пренесува Си-Ен-Ен.
Во изјава за францускиот спортски весник l’Equipe, Макрон додаде дека треба да се разговара за учество на некои руски спортисти кои „можеби исто така се жртви на овој режим“.
„Очигледно не може да има руско знаме на Олимписките игри во Париз. Затоа што за Русија како земја нема место [на Игрите], бидејќи извршила воени злосторства и депортирала деца“, рече Макрон во средата.
„Вистинското прашање што ќе треба да го реши олимпискиот свет е какво место да им се даде на овие руски спортисти, кои веројатно се подготвуваат цел живот [за Игрите], а можеби исто така се жртви на овој режим“, додаде Макрон, признавајќи дека руските спортисти може да имаат различни ставови за војната.
Макрон рече дека „олимпискиот свет“ мора да води дискусии и дека Украина мора да биде дел од тој дијалог. На крајот, рече тој, одлуката ќе ја донесе Меѓународниот олимписки комитет (МОК).
Во март, МОК објави широко осудена препорачана насока за да им се дозволи на руските и белоруските спортисти да учествуваат на меѓународни натпревари и покрај тековната инвазија на Украина.
Досега не е донесена одлука за учество на руски и белоруски спортисти на Олимпијадата во 2024 година.
Украинскиот премиер Денис Шмихал во пост на Телеграма во август рече дека земјата ќе биде подготвена да ги бојкотира Игрите доколку им се дозволи на Русија и Белорусија да се натпреваруваат.
„Подготвени сме да ги бојкотираме Олимписките игри во Париз доколку на Руската Федерација и Белорусија им биде дозволено да учествуваат на натпреварот“, рече Шмихал.
„Очекуваме МОК да донесе правилна одлука и решително да го отстрани агресорот од Олимпијадата“, додаде Шмихал.