Француските обвинители бараат седум години затвор за Саркози

Фото: World Economic Forum/swiss-image.ch/Photo by Moritz Hager

Француските обвинители денеска побараа казна затвор од седум години и парична казна од 300.000 евра за поранешниот претседател Никола Саркози, кој се соочува со обвинение за нелегално финансирање на кампањата од режимот на сега починатиот либиски владетел Моамер Гадафи.

На Саркози му се суди од јануари под обвинение за прикривање на проневера на јавни средства, пасивна корупција, нелегално финансирање на кампањата и криминален заговор за извршување кривично дело.

Финансискиот обвинител Себастиен де Ла Туан ги опиша обвиненијата против Саркози и другите 12 обвинети како корупција со висок интензитет. Де Ла Туан рече дека Саркози склучил фаустовски пакт за корупција со еден од најомразените диктатори во последните 30 години. Обвинителите побараа и петгодишна забрана за политичка активност и користење на одредени привилегии.

Надвор од судницата, адвокатите на Саркози им рекоа на новинарите дека бараните казни се строги и неосновани и дека тој е невин.

„Ќе продолжам да се борам педа по педа за вистината и довербата во мудроста на судот“, објави Саркози на Фејсбук, додавајќи дека случајот е политички мотивиран.

Зачлени се на нашиот е-билтен