Со само 13 гласа разлика, Националното собрание на Франција го усвои буџетот за социјално осигурување за 2026 година, клучна победа за ослабениот премиер Себастијан Лекорну, кој се соочува со растечко социјално незадоволство и експлодирачки дефицит.
Предлог-законот го поддржаа 247 пратеници, 234 гласаа против, а 93 беа воздржани. Владата предупреди дека евентуално отфрлање на буџетот би можело сериозно да ја влоши состојбата на јавните финансии.
Минатата недела на пратениците им беше доставена белешка во која се предвидува дека дефицитот може да достигне 30 милијарди евра до 2026 година, бројка што директорот на фондот за социјално осигурување, Пјер Прибил, ја оцени како „крајно загрижувачка“. За 2025 се очекува дефицит од околу 23 милијарди евра.
Буџетот го замрзнува непопуларното покачување на старосната граница за пензија
Законот вклучува и важна политичка ставка: суспензијата на непопуларната пензиска реформа на претседателот Емануел Макрон. Претходно отстранета од Сенатот, а повторно воведена од пратениците минатиот петок, мерката го замрзнува зголемувањето на старосната граница од 62 на 64 години до јануари 2028 година, односно по следните претседателски избори.
Иако Собранието го усвои текстот, тој повторно се враќа во Сенатот. Ако Сенатот го одобри, законот ќе стане конечен. Но доколку го одбие – што е и најверојатниот исход ќе следува уште едно финално гласање во Националното собрание, кое ќе ја има последната одлука.
Дури и по денешната победа, премиерот Лекорну се соочува со следниот тешок испит: усвојувањето на државниот буџет за 2026 година. Овој процес веќе се покажа како проблематичен за неговите претходнициМишел Барние и Франсоа Бајру кои беа сменети откако се обидоа да протуркаат значајни буџетски кратења.
Француската влада, која нема стабилно мнозинство, ќе мора повторно да балансира меѓу различните политички блокови за да избегне нова криза.

