Во судот во Авињон, Франција, заврши судењето на 72-годишниот Доминик Пелико и на 50 други обвинети за силување на неговата сопруга Жизел Пелико. Доминик е прогласен за виновен по сите точки од обвинението и осуден на максималната казна од 20 години затвор.
Судијата ги соопшти пресудите и за останатите обвинети. Над 40 лица се прогласени за виновни, без ниту една ослободителна пресуда. Обвинетите, на возраст од 27 до 74 години, живееле во радиус од 50 километри од домот на семејството Пелико.
Жизел, која го преживеа ова злосторство, беше пречекана со аплаузи од стотици луѓе пред судницата. На судењето присуствуваа и нејзините деца, кои ѝ дадоа поддршка во овој тежок момент.
Медиумите потсетуваат дека Доминик учествувал на форум наречен „без нејзино знаење“ на страницата Coco.fr, каде што сексуалното насилство било величано. Преку овој форум тој договарал мажи да ја силуваат сопругата речиси една деценија.
Случајот беше откриен во септември 2020 година, кога Доминик беше уапсен за друго дело – тајно фотографирање под женско здолниште. Полицијата пронашла стотици снимки од силувањето на Жизел на неговиот лаптоп и мобилни телефони, откривајќи еден од најшокантните случаи на сексуален криминал во модерната француска историја.
Жизел, која се разведе од Доминик, изјави дека низ годините на злоставување била „третирана како кукла од партали“. Таа додаде: „Не зборувајте за сцени со секс. Тоа беа сцени на силување.“
Овој случај го разбуди вниманието на јавноста и го отвори прашањето за потребата од посилна заштита на жртвите на сексуално насилство.