Швајцарската трговска компанија „Ганвор“ (Gunvor) ја повлече понудата за преземање на меѓународните операции на рускиот енергетски гигант „Лукоил“, откако САД остро се спротивставија на можната зделка. Американското Министерство за финансии порача дека нема да дозволи никакви договори со компании „поврзани со Кремљ“.
„Претседателот Доналд Трамп јасно порача дека војната мора да заврши. Додека Владимир Путин продолжува со убиства, пиунот на Кремљ, Gunvor, никогаш нема да добие дозвола да профитира,“ се наведува во објавата на Министерството на мрежата X.
Компанијата ја оцени изјавата од Вашингтон како „во основа неточна“. Портпаролот Сет Пјетрас за Politico потврди дека Gunvor ја повлекува својата понуда за купување на средствата на „Лукоил“.
Одлуката следи само неколку дена по објавата дека рускиот концерн ја прифатил понудата од швајцарската фирма. Договорот требаше да биде одобрен од американските власти до 21 ноември, датум кога „Лукоил“ формално ќе биде ставен на санкциската листа.
„Лукоил“ има значајни актива во Европа: две рафинерии во Бугарија и Романија, удел во фабрика за гориво во Холандија и околу 2.000 бензински пумпи низ континентот.
„Ганвор“ е основан во 2000 година од шведскиот милијардер Торбјорн Торнквист и рускиот олигарх Генадиј Тимченко – долгогодишен соработник на Путин. Тимченко го продаде својот удел во 2014 година, непосредно пред воведувањето на санкциите за анексијата на Крим.
Од тогаш, компанијата јавно се дистанцира од Русија и повеќепати ја осуди инвазијата врз Украина. „Gunvor повеќе од една деценија нема никакви деловни врски со Русија,“ истакна Пјетрас.

