„Гардијан“ за маката на американските дипломати – на која нога утре ќе стане Трамп?

Трамп
EPA/LAURENT GILLIERON

Анализата на „Гардијан“ со наслов “Не сакате да живеете во неговата глава: дилемата на дипломатите во ерата на Трамп” опишува свет во кој американските дипломати повеќе не ја претставуваат предвидливата и институционална Америка, туку се обидуваат да објаснат и амортизираат лидер чија политика се раѓа од неговата внатрешна драма. Од нив се очекува да дадат смисла на изјави, твитови и напади што се менуваат од ден за ден, додека сојузниците сè почесто се прашуваат дали навистина можат да се потпрат на Вашингтон.

Персонализирана надворешна политика: институциите во втор план

„Гардијан“ укажува дека надворешната политика на САД е силно персонализирана: одлуките поминуваат низ круг од довереници и импулси на претседателот, а не низ класичните дипломатски и безбедносни механизми. Во таа поставеност, долгорочните стратегии и правила се потиснати од моментални пресметки, медиумски потреби и лични симпатии или аверзии (овој ми се допаѓа, оној не ми се допаѓа), што го прави американскиот курс нестабилен и тешко читлив.

Клучна поента во анализата е дека дипломатијата се претвора во обид хаосот да се преведе во некаква кохерентна линија. Американските амбасади се соочуваат со контрадикторни пораки и празнини. Денес тврда линија, утре молк или комплимент за истиот актер дека е “Great Guy”, а дипломатите се тие што треба да уверуваат дека постои стратегија таму каде што често има само реакција.

Американските дипломати пред дилема: лојалност кон службата или кон човекот на врвот

Во оваа анализа „Гардијан“ посочува дека многу кариерни дипломати се растргнати меѓу професионалната заклетва и притисокот да го бранат секој потег на претседателот, без разлика дали веруваат дека им штети на сојузите и меѓународното право. Дел си заминуваат, дел молчат и се приспособуваат, а дел се обидуваат да влијаат однатре, но цената, лична и институционална, станува сè поголема.

Анализата уште нагласува дека оваа внатрешна трансформација има директни последици надвор: сојузниците бараат нови центри на гравитација, а противниците го тестираат секој знак на конфузија и некоординираност. Наместо мрежа на правила и стабилни гаранции, американската моќ често изгледа како збир од лични односи и импровизирани договори, што ја отвора вратата за манипулација и поткопување на системот на кој САД некогаш му беа стожер.

Зачлени се на нашиот е-билтен