Гемански фармацевтски гигант затвора во Франкфурт – 500 работни места под закана

Германскиот фармацевтски и хемиски гигант Баер (Bayer) најави дека ќе го затвори својот историски производствен погон во Франкфурт до крајот на 2028 година, при што директно ќе бидат засегнати околу 500 работници. Причините, според раководството, се евтината конкуренција од Азија и острите мерки за штедење кои компанијата ги воведува во рамки на новата стратегија.

Новата насока на Баер гласи: „помали количини, поголем квалитет“. Компанијата планира да се повлече од производството на генерички средства за заштита на растенијата и да се фокусира на иновации и висока технологија. Истражувањето и развојот целосно ќе се преселат во Монхајм на Рајна, додека производството во Дормаген, близу Леверкузен, ќе биде редуцирано – таму се планира укинување на 200 од вкупно 1.200 работни места.

Не е сè загубено: Делови од производството може да бидат спасени

И покрај мрачните најави, дел од работните места би можеле да се спасат. Баер активно бара купувачи за некои сегменти од производството, а дел од функциите ќе бидат префрлени на другите локации – Дормаген и Кнапзак (во близина на Келн).

Синдикатот IG BCE и работничкиот совет жестоко реагираа на најавата.

„Ова е историска пресвртница во 162-годишната историја на компанијата и е спротивна на јавните изјави на Баер за нивната посветеност на Германија,“ изјави Франческо Гриоли, член на управниот одбор на IG BCE.

Според синдикатот, затворањето на германски погон е табу-тема, бидејќи ова би било првпат Баер да затвори фабрика во Германија. Затоа тие бараат: мора да постои алтернатива!

Како главна причина за затворањето, Баер ја посочува ценовната пресија од азиските производители, кои пазарот го преплавуваат со евтини генерички производи, чии цени често се поевтини од трошоците за производство во Европа. Дополнително, строгите регулативи на Европската Унија дополнително го оптоваруваат деловното работење.

Зачлени се на нашиот е-билтен