Украинската контраофанзива против руските сили ќе биде тешка и „многу крвава“, изјави американскиот генерал Марк Мили, пренесе Би Би Си.
Генералот Мили истакна дека не е изненаден што напредувањето на украинските сили е побавно од очекуваното, но додаде дека Украина „постепено напредува“. „Тоа оди малку бавно, но тоа е дел од природата на војната“, рече тој.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата недела призна дека офанзивата напредува бавно.
Генералот Мили, началник на Здружениот Генералштаб на вооружените сили на САД, вчера во Националниот прес-клуб во Вашингтон нагласи дека украинските сили „напредуваат постепено, пробивајќи се полека и претпазливо низ многу тешки мински полиња… 500 метри на ден, 1.000 метри на ден, 2.000 метри на ден, така стојат работите“.
„Војна на хартија и вистинска војна се различни. Во вистинска војна умираат вистински луѓе. Вистински луѓе се наоѓаат на тие боишта и вистински луѓе се во тие возила. Вистински тела се разнесуваат со експлозиви“, рече американскиот генерал.
Според него, „ќе бидат потребни шест, осум, 10 недели, ќе биде многу тешко. Ќе биде многу долго и ќе биде многу, многу крваво. И никој не треба да има илузии за тоа“.
Украинските војници „напаѓаат низ мински полиња и во ровови“, рече тој, додавајќи дека „буквално се борат за своите животи“.
Тој изјави дека САД и помагаат на Украина „колку што е човечки можно“.
Генералот Мили е главен воен советник на американскиот претседател, секретарот за одбрана и Советот за национална безбедност.
Главниот украински командант Валериј Залужни изјави дека контраофанзивата е отежната поради недостигот на соодветно оружје.
Во интервју за Вашингтон пост објавено вчера, тој рече дека е фрустриран од бавната испорака на оружје што ја вети Западот – од модерни борбени авиони до артилериска муниција.
„Не ми требаат 120 авиони. Нема да му се заканувам на целиот свет. Многу ограничен број би бил доволен“, истакна Залужни.