Ако САД се повлечат од помошта за Украина, тоа ќе ги охрабри другите земји и ќе го подели НАТО, изјави пензионираниот американски генерал Стивен Твити.
Тој за Радио Слободна Европа (РСЕ) изјави дека рускиот претседател Владимир Путин смета токму на ова сценарио, пренесе Бета.
Твити додаде и дека е тешко да се одреди дали американската помош за Украина ќе продолжи со ист интензитет, со оглед на неизвесноста на изборите во САД.
–Се надевам дека САД и нашите сојузници во НАТО ќе продолжат да ја поддржуваат Украина. Важно е да ја разгледаме пошироката слика, во врска со заканата за мирот и безбедноста на европскиот континент, рече Твити.
Откако Русија ја започна својата инвазија на Украина, САД и обезбедија на оваа земја, разурната од војна, повеќе од 60 милијарди долари помош, од кои 43 милијарди долари се воена помош.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во последната недела од август најави уште еден пакет помош за Киев, кој вклучува муниција и проектили и изнесува 250 милиони долари.
Овие бројки ги прават САД најголем финансиски донатор на Украина.
Но, 18 месеци по почетокот на руската инвазија, некои Американци се сомневаат дека помошта вреди за цената. Минатата недела, осумте републиканци во трката за претседателска номинација на нивната партија жестоко се судрија околу ова прашање. Меѓу нив имаше и такви кои рекоа дека доколку победат на претседателските избори во 2024 година, американската помош за Украина ќе ја условат со зголемување на помошта од Европа.
-Европа мора да се крене. Ќе ја натерам Европа да застане и да ја заврши својата работа, рече гувернерот на Флорида, Рон Десантис.
По САД, институциите на Европската унија се најголеми донатори на Украина. Следуваат Велика Британија, Германија, Канада, Полска, Франција.
Предизвикувачот на Десантис, Вивек Рамасвами, отиде уште подалеку, велејќи дека нема да поддржи зголемено финансирање за Украина.
Неколку други кандидати, вклучувајќи го и поранешниот потпретседател Мајк Пенс, ги критикуваа тие ставови, бранејќи ја континуираната поддршка на САД за Киев.
Кандидатот Доналд Трамп, кој води во анкетите, не учествуваше во дебатата, но во интервју објавено на мрежата „Х“ рече дека Русија никогаш нема да ја нападне Украина доколку тој беше претседател.