Генерален штрајк во Италија во знак на поддршка за Газа: Застој на возови, блокирани пристаништа, затворени училишта

Во Италија денеска се одржува генерален штрајк кој го прогласија синдикатите во знак на поддршка за Палестина и против израелската офанзива во Газа. Штрајкот опфати речиси сите сектори – од јавниот превоз и железницата, до пристаништата, училиштата и јавните услуги.

Штрајкот започна на полноќ и ќе трае до 23:00 часот, а според италијанскиот дневен весник “Sole 24 Ore”, низ многу италијански градови се закажани демонстрации, меѓу кои Рим, Милано, Болоња, Неапол, Џенова, Торино, Фиренца, Анкона, Бари и Палермо.

Синдикатот USB информира дека низ целата земја ќе се одржат повеќе од 60 протести, а се очекува поголема масовност отколку на претходни штрајкови.

Организаторите ги повикаа работниците да се приклучат на штрајкот за да го поддржат палестинскиот отпор и да се блокира секоја соработка со Израел.

Во Милано, протестите го нарушија сообраќајот, вклучително и метро-системот, каде има доцнења и откажани линии.

Во Рим, некои регионални возови се откажани или доцнат и до 80 минути, додека метро линиите функционираат нормално.

Пристаништето во Џенова е блокирано од страна на штрајкувачите, кои поставија барикади на пристапните патишта.

„Палестинскиот народ постојано ни дава уште една лекција за достоинство и отпор,“ изјави Рики, учесник во протестот во Џенова од групата “Автономни пристанишни работници”, пренесе Ројтерс.

Штрајковите доведоа до прекини во јавниот транспорт, а многу училишта низ Италија останаа затворени, откако наставниците и образовните работници се приклучија на протестот.

Од друга страна, министерот за транспорт Матео Салвини изјави дека само седум проценти од работниците се приклучиле на штрајкот и оцени дека екстремната левица стои зад протестите.

Зачлени се на нашиот е-билтен