Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, денеска предупреди на зголемениот ризик од глад во Појасот Газа, каде што, според него, два милиони луѓе веќе се соочуваат со глад.
„Ризикот од глад во Газа се зголемува поради намерното попречување на доставата на хуманитарна помош, вклучувајќи и храна, за време на тековната блокада“, изјави Гебрејесус на отворањето на годишниот состанок на земјите-членки на СЗО во Женева.
Тој додаде: „Два милиони луѓе гладуваат, додека тони храна се заглавени на границата – само неколку минути оддалечени од нив.“
Под меѓународен притисок поради блокадата што доведе до масовна глад кај Палестинците во Газа, Израел во неделата соопшти дека ќе дозволи ограничена хуманитарна помош да продолжи, паралелно со започнувањето на нови копнени операции во регионот.
Одлуката да се овозможи влез на помош на палестинската територија, повеќе од два месеца откако Израел ја воведе блокадата на 2 март, според израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, е „тешка, но неопходна“.
Шефот на СЗО истакна дека ескалацијата на конфликтот, наредбите за евакуација, намалувањето на хуманитарниот простор и блокадите на помошта доведуваат до зголемен број жртви во веќе преоптоварениот здравствен систем.
„Луѓе умираат од болести што може да се спречат, додека лекови чекаат на границата, а нападите врз болниците ги лишуваат граѓаните од здравствена грижа и ги одвраќаат од барање помош“, додаде тој.
Според Гебрејесус, неколку илјади пациенти треба да бидат евакуирани од Газа поради медицински причини.
Тој ги повика земјите-членки на СЗО да прифатат повеќе пациенти, а од Израел побара да овозможи евакуација и непречен влез на храна и лекови во Газа.
Обединетите нации и меѓународните хуманитарни организации кои делуваат во Појасот Газа со недели го осудуваат недостатокот на хуманитарна помош.