Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Германците заминуваат на работа во соседната земја за подобри плати и услови за работа

Поради значително повисоки плати и подобри услови за работа, голем број германски негувателки ќе работат во соседен Луксембург. Во Германија ситуацијата во секторот за нега е веќе драматична и тешко дека ќе се подобри.

Пред речиси 20 години, Сомае Мецгер реши да ја напушти работата во германски дом за стари лица и да замине да работи во соседен Луксембург. Научила луксембуршки, еден вид германски јазик, на курс организиран од нејзиниот работодавец. Од нејзиниот дом во Трир, Германија, каде што живее со семејството, до работното место има 13 километри, за што и се потребни едвај дваесет минути. „Ниту еден момент не се покајав за мојата одлука“, вели Мецгер.

Таа во никој случај не е единствената која од Германија оди на работа во Луксембург. Според Националниот институт за статистика на земјата, повеќе од 52.000 Германци работат во малата земја – 30 отсто повеќе од пред 10 години. Огромното мнозинство од нив сè уште живеат во Германија и патуваат на работа. Само во здравствениот и социјалниот сектор се регистрирани 6.300 Германци, а меѓу нив има најмалку 4.000 негуватели како Мецгер, пишува Дојче веле.

Плата и услови за работа

Тоа може да се види и на нејзиното работно место: повеќе од 80 отсто од 147-те вработени во старечкиот дом „Оп Ламп“ се Германци кои се грижат за 81 станар во домот. „Ние конкретно не бараме старатели од Германија“, вели директорката Миреј Вирц-Ленерц. Меѓутоа, во пограничниот регион се прошири веста дека условите за работа во Луксембург се многу подобри отколку во Германија. Речиси и да нема прекувремени часови, вработените се почитуваат, а платата е речиси двојно поголема. „Заработувам повеќе во Луксембург работејќи 60 проценти помалку отколку во Германија ако работам со полно работно време“, вели Мецгер.

Големото Војводство Луксембург, со своите 670.000 жители, неодамна ги зголеми платите на вработените кои се грижат за старите и болните. Со 10 години стаж, негувател во старечки дом заработува околу 65.000 евра годишно – плус бонуси, додека медицинска сестра може да заработи околу 100.000 евра.

Луксембург очигледно е подготвен да им плати на старателите уште подобро бидејќи и таму населението старее. Според проценката на здружението на негувателки Копас, во следните пет години ќе треба да се пополнат 4.000 работни места во секторот нега, меѓу кои 900 медицински сестри, а има и други вработени: од физиотерапевт до асистент во кујна.

Но, во Луксембург, само малку повеќе од 100 старатели ја завршуваат својата обука секоја година. Веќе околу 50 отсто од медицинските сестри доаѓаат од соседните земји. Управителот на дом за стари лица во Луксембург, Вирц-Ленерц, стравува дека во наредните години ќе биде потешко да се најдат старатели од Германија. „Платите растат и таму“, вели таа, но верува во подобри работни услови, пониски даноци и на крајот подобри пензии во Луксембург.

Во исто време, тоа е катастрофа за домовите за стари лица и болниците од другата, германска страна на границата. Само од болницата Barmherzige Brüder во Трир, секоја година во Луксембург одат од 25 до 30 медицински сестри.

Нема враќање назад

За Мецгер не доаѓа предвид некогаш повторно да работи во својата татковина: „Во Германија бев одговорна за девет или десет стари лица во една смена, често работев 15 дена по ред. Имам пет луѓе за кои се грижам во Луксембург“.

Во Луксембург, работодавачот ги почитува нејзините желби при организирањето на распоредот и таа е исклучително задоволна: „Можам лесно да ги балансирам работата и приватниот живот. Тоа е и превентивна мерка против лошото расположение и стресот“. А тоа има се повеќе во Германија, не само во секторот за нега.

Зачлени се на нашиот е-билтен