Во борбата против дроновите кои летаат над воените и критичните инфраструктурни локации, Германија размислува за нов закон кој ќе дозволи на нејзината војска да ги обори беспилотните летала.
Федералната влада на Германија ја одобрила во средата нацрт-верзијата на законот, кој ќе ѝ дозволи на германската војска, односно на Бундесверот, да пука на дронови кои се над чувствителни локации, каде што се загрозени животите на луѓето или клучната инфраструктура. Откако започна војната на Русија против Украина, незаконски дронови се повеќе се појавуваат над германската територија, јавува ZDF.
Германските власти се сомневаат дека порастот на активностите на дронови може да биде дел од напорите на Русија за шпионажа на воените и индустриските објекти.
„Она што сега го гледаме, особено во контекст на руската агресија и радикално променетата безбедносна ситуација во последните две години, е се поголемиот број на дронови кои летат над воените објекти и критичната инфраструктура — дронови против кои не можат да се применат само полициски мерки“, изјави Максимилијан Кал, портпарол на Министерството за внатрешни работи на Германија, пренесува Politico.
Според германските официјални лица, дронови биле забележани над воздухопловната база Рамштајн, како и над воените места за обука на украински војници во Германија. Истите дронови биле забележани и над индустриските гиганти како што се Рајнметал и BASF.
Согласно моменталниот закон, Бундесверот нема право да пука на дронови во германскиот воздушен простор. Новиот закон ќе овозможи на војската да ги собори дроновите ако се смета дека тие претставуваат закана за животите на луѓето или критичната инфраструктура.
Сепак, законот мора да биде одобрен од германскиот парламент и сè уште поминува правни испитувања поради уставните ограничувања на воената сила во домашни услови. Следните федерални избори во Германија на 23 февруари може да го одложат одобрувањето на законот.