Германија: Многу позитивни сигнали од САД за „Патриот“ системи за Украина

Германското министерство за одбрана денеска соопшти дека од Вашингтон пристигнуваат „многу позитивни сигнали“ во врска со можната испорака на системи за противвоздушна одбрана „Патриот“ за Украина.

Портпарол на министерството изјави дека во моментов се водат разговори за логистичките аспекти на договорот, вклучувајќи го бројот на системите, начинот на нивна предавање и моделот на финансирање.

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус денеска е во Посета на Пентагон, каде што ќе оствари средба со неговиот американски колега Пит Хегсет.

Украинците ќе добијат оружје со кое може да се стигне до Москва?

Во контекст на оваа соработка, треба да се потсети дека американскиот претседател Доналд Трамп неодамна најави испорака на „многу софистицирана“ воена опрема за Украина.

Според американскиот портал Axios, сè посигурни се индикациите дека покрај одбранбено оружје како што е „Патриот“, Украина би можела да добие и офанзивно оружје, вклучувајќи далекуметни ракети, со кои би имала можност да напаѓа цели длабоко во руската територија, па дури и во Москва.

Овој можен развој може значително да го засили капацитетот на украинската армија, но воедно и да предизвика ново влошување на тензиите во регионот.

Зачлени се на нашиот е-билтен