Германија воведува доброволен воен рок со плата од 2.600 евра месечно

Германскиот Бундестаг усвои нов модел на воена служба, со кој повторно се активира делумниот воен рок, но на доброволна основа. Целта е зајакнување на составот на вооружените сили во услови на зголемени безбедносни ризици и исполнување на обврските кон НАТО.

Министерот за одбрана Борис Писториус изјави дека заштитата на демократските слободи бара лична подготвеност и ангажман, нагласувајќи дека тие не можат „да се бранат сами од себе“. Новиот закон предвидува воената служба да трае шест месеци, со месечен надомест од 2.600 евра за оние што доброволно ќе се пријават.

Системот предвидува и задолжително пополнување прашалник за воена подготвеност за сите млади мажи со наполнети 18 години. Доколку бројот на доброволци не биде доволен, Бундестагот ќе има можност краткорочно да воведе задолжителен воен рок „по потреба“.

Германија се обврза пред НАТО да ја зголеми бројноста на активниот состав на Бундесверот на 260.000 војници, додека моментално во армијата служат околу 185.000 лица.

Усвојувањето на законот беше проследено со протести ширум Германија, претежно организирани од средношколци кои се спротивставуваат на враќањето на воениот рок. Под слоганот „Не сакаме да бидеме топовско месо“, демонстрантите предупредија дека младите не треба да бидат вовлечени во вооружени конфликти.

Германскиот воен рок беше укинат во 2011 година поради уставни ограничувања, бидејќи државата не можеше да обезбеди еднакви услови за служба за цела генерација. Новиот модел, според германските власти, претставува компромис помеѓу потребите на безбедноста и уставните обврски.

Зачлени се на нашиот е-билтен