Германска банка планира да отпушти 3.900 вработени

Германската банка Commerzbank во септември се очекува да постигне договор со претставниците на вработените за планираното отпуштање на 3.900 лица со полно работно време, објави денеска бизнис весникот Handelsblatt.

Банката засега одбива да го коментира извештајот.

Во меѓувреме, италијанската банка UniCredit соопшти дека го зголемила својот удел во Commerzbank на околу 26 проценти, со намера во догледно време да ги претвори и останатите финансиски инструменти во акции. Со тоа, нејзиниот удел би достигнал околу 29 проценти, зацврстувајќи ја позицијата како најголем акционер на германскиот заемодавач – но без директно учество во менаџментот.

Германската влада и натаму држи приближно 12 проценти од акциите и неодамна исклучи можност за нивна дополнителна продажба. Доколку UniCredit го премине прагот од 30 проценти, по закон ќе мора да поднесе официјална понуда за преземање на сите преостанати акции на Commerzbank.

Загриженост за работните места

Во Германија расте загриженоста дека евентуално спојување со UniCredit би можело да предизвика затворање на филијали и дополнителни отпуштања. Управниот одбор и работничкото претставништво на Commerzbank повеќепати ја оценија иницијативата на италијанската банка како „непријателска“.

Канцеларот Фридрих Мерц во писмо до претседателот на работничкиот совет, Саша Уебел, повтори дека владата останува посветена на „силна и независна Commerzbank“.

Извршната директорка на банката, Бетина Орлоп, во моментов спроведува стратегија за зајакнување на профитабилноста и одбрана на независноста преку реструктурирање и намалување на бројот на вработени.

Од друга страна, извршниот директор на UniCredit, Андреа Орцел, уште од есента лобира за предностите на прекугранично спојување, гледајќи можности за проширување на работењето со приватни и корпоративни клиенти во Германија, каде UniCredit веќе е присутен преку Hypovereinsbank (HVB).

Зачлени се на нашиот е-билтен