Германската економија и во 2025 без раст – трета година стагнација

Германската економија останува без вистински импулс за раст – Централната банка на Германија (Бундесбанка) ја намали прогнозата за 2025 година и сега очекува стагнација на економијата, со нулта пораст на БДП. Тоа значи дека Германија влегува во трета последователна година без економски раст, по двегодишна рецесија.

Причина за песимизмот е неизвесноста околу трговската политика на САД, но и новите американски царини, кои според претседателот на Бундесбанката, Јоаким Нагел, веќе негативно се одразуваат врз извозот и економскиот тек.

Дополнително, падот на германскиот извоз во април, забележан од Федералниот завод за статистика, потврдува дека надворешниот притисок врз индустријата се зголемува, додека силното евро дополнително ја намалува конкурентноста на германските производи на светските пазари.

Сепак, прогнозите за 2026 и 2027 година се умерено оптимистички – се очекува раст од 0,7% и 1,2% соодветно. Истовремено, инфлацијата се очекува да се стабилизира – на 2,2% во 2025 година и 1,5% во 2026 година, според хармонизираниот индекс на потрошувачки цени на ЕУ.

Основната инфлација, која ги исклучува цените на енергијата и храната, според Бундесбанка, ќе се стабилизира околу 2% од 2026 година.

Зачлени се на нашиот е-билтен