Министерот за внатрешни работи, Александер Добринт, ги презентираше законските амандмани за зајакнување на полицијата, што ќе им овозможи на полицајците да „дејствуваат со најсовремени технологии во борбата против заканите од дроновите“.
„Соборувањето на дронови сега ќе биде регулирано и возможно за сојузната полиција“, рече Добринт по состанокот на владата на кој беше презентиран предлогот за закон.
Покрај тоа, ќе биде основан „Центар за одбрана од дронови“, кој ќе го координира дејствувањето на сојузната полиција и полициите на германските покраини, додаде Добринт.
Министерот рече дека веќе соработува со земји кои имаат поголемо искуство во оваа област, вклучувајќи го Израел, а исто така и Украина, која секојдневно е мета на руски напади врз нејзините градови и на фронтовските линии.
„Веќе сме во контакт со земји кои имаат многу поголемо искуство во оваа област. Водиме интензивни разговори со Израел, а исто така и со Украина“, рече Добринт.
Без да прецизира временски рок, Добринт го спомена буџетот од минимум 100 милиони евра, нагласувајќи дека опремата ќе зависи и од производствените капацитети на производителите кои се вклучени.