Германската полиција издаде предупредување до граѓаните, особено до мажите, за нова онлајн измама што користи лажни фотографии на атрактивни полицајки, генерирани со помош на вештачка интелигенција. На социјалните мрежи се појавиле голем број профили со deepfake-слики од жени во полициски униформи, чија цел е да ги намамат корисниците да кликнат на линкови што водат до страници со платена содржина.
Фотографиите прикажуваат млади и привлечни жени во тесни полициски одори, често во провокативни пози. На една од нив, русокоса позира со откопчана јакна, додека на друга се гледа жена во униформа фотографирана одзади, наводно без нејзино знаење.
Полицијата во Хамбург, каде што проблемот е најизразен, потврди дека овие профили се користат за да ги наведат корисниците, првенствено мажи, да кликнат на линкови кои водат до веб-страници каде што се наплатува пристап до дополнителни, уште пореалистични АИ-слики.
Одлучен одговор на полицијата
Хамбуршката полиција се огласи со официјално соопштение, нагласувајќи ја сериозноста на ситуацијата. „Примаме сè повеќе пријави за профили на социјалните мрежи со содржини генерирани од вештачка интелигенција, кои наводно прикажуваат припаднички на хамбуршката полиција“, се наведува во соопштението.
Портпаролот Флоријан Абенсет истакна дека ваквите профили го нарушуваат угледот на полицијата и дека се преземаат одлучни мерки против нив. Тој нагласи дека полицијата не води приватни Инстаграм-профили за своите службеници и дека веќе се разгледуваат правни чекори против креаторите на лажната содржина. Воедно, граѓаните се повикани да ги пријавуваат сите сомнителни профили.
Deepfake како глобална закана
Овој случај е само еден пример за растечката опасност што ја претставува deepfake-технологијата. Употребата на убедливи, но целосно лажни фотографии и видеа станува сè поголем ризик за институциите, компаниите и поединците. Претходно годинава, Меѓународната телекомуникациска унија на Обединетите нации (ITU) ги повика технолошките компании да користат напредни алатки за откривање дезинформации и deepfake-содржини во борбата против финансиските измами.
„Довербата во социјалните медиуми значително опадна затоа што луѓето повеќе не знаат што е вистина, а што лага“, предупреди Билел Жамуси од ITU.
Како да се спротивставиме на лажната содржина
Борбата против deepfake-содржините станува сè потешка поради брзиот развој на генеративната вештачка интелигенција, која создава исклучително реалистичен дигитален материјал. Леонард Розентол од компанијата „Адобе“ истакна дека е клучно јасно да се утврди изворот на дигиталната содржина, за корисниците да можат да ја проценат нејзината веродостојност.
„Потребно е повеќе места каде што корисниците консумираат содржина да ги прикажуваат овие информации. Кога ги прелистувате своите фидови, сакате да знаете: можам ли да ѝ верувам на оваа фотографија, на ова видео?“, порача Розентол, нагласувајќи ја потребата од поголема транспарентност.