Германски лекар обвинет за убиство на 15 пациенти

Германски лекар за палијативна нега е обвинет за убиство на 15 негови пациенти користејќи коктел од смртоносни лекови.

Обвинителите во Берлин го обвинија 40-годишникот дека ги запалил домовите на некои од неговите осомничени жртви за да си ги покрие трагите.

Тој, наводно, убил 12 жени и тројца мажи меѓу септември 2021 и јули 2024 година, иако обвинителите рекоа дека веруваат дека вкупниот број може да се зголеми.

Лекарот, кој не е именуван поради строгите закони за приватност во Германија, не ги признал обвиненијата, соопштија обвинителите.

Тој е обвинет дека на своите пациенти им давал анестетик и мускулен релаксант без нивно знаење или согласност.

Релаксантот „ги парализирал респираторните мускули, што довело до прекин на дишењето и смрт за неколку минути“, се вели во соопштението на обвинителството.

Работел во неколку германски покраини, а возраста на оние чија смрт се третира како сомнителна се движи од 25 до 94 години.

Исто така, се тврди дека осомничениот ги запалил становите на неговите наводни жртви за да ги прикрие убиствата во пет различни наврати.

Осомничениот е обвинет за убиство на двајца пациенти во еден ден во јули 2024 година – 75-годишен маж во неговиот дом во центарот на Берлин и 76-годишна жена во соседниот кварт „неколку часа подоцна“.

Обвинителите рекоа дека лекарот се обидел да ја запали куќата на жената, но не успеал, додавајќи: „Кога го забележал тоа, наводно известил роднина на жената, тврдејќи дека тој стоел пред нејзиниот стан и дека никој не реагирал на неговото ѕвонење“.

Докторот првично беше осомничен дека убил четири лица што му биле под негова грижа кога бил уапсен во август 2024 година, но истрагата открила други сомнителни смртни случаи, со планирани повеќе ексхумации на потенцијалните жртви.

За 40-годишниот осомничен се бара „доживотна професионална забрана“ и „превентивен притвор“.

Зачлени се на нашиот е-билтен