Новиот германски министер за надворешни работи Јохан Вадефул изрази „ужас и срам“ за одговорноста на својата земја за Холокаустот при денешната посета на меморијалот „Јад Вашем“ во Ерусалим, пренесе ДПА.
Вадефул, кој ја презеде функцијата оваа недела, изјави дека Германија има одговорност „да ги памети жртвите“ и „да ги почитува преживеаните“, како и да извлече поуки од злосторствата на Холокаустот. Тој положи венец во Спомен-салата во чест на шесте милиони Евреи убиени од нацистичкиот режим во Германија.
– Со ужас и срам стојам тука како германски министер за надворешни работи. Ова место постојано нè потсетува дека чудовишноста на Холокаустот беше наредена на германски јазик, планирана од Германци и извршена од Германци, порача шефот на германската дипломатија.