Лидерот на германските конзервативци, Фридрих Мерц, не успеа да добие доволно гласови за да биде избран за канцелар во првиот круг на гласање во Бундестагот, иако неговата коалиција со левицентристичките Социјалдемократи формално беше договорена. Како што јави Ројтерс, овој неуспех претставува изненадување и отежнување на процесот на формирање влада.
На Мерц, 69-годишен лидер на ЦДУ/ЦСУ, му беа потребни 316 гласови во долниот дом на парламентот, но доби само 310, соопшти претседателката на Бундестагот Јулија Клекнер.
Конзервативците победија на сојузните избори во февруари со 28,5 проценти од гласовите, но тоа не беше доволно за апсолутно мнозинство. Затоа, во понеделникот потпишаа коалициски договор со Социјалдемократите (СПД), кои освоија само 16,4 проценти, што е нивен најслаб резултат по Втората светска војна.
И покрај тој договор, гласањето покажа дека дел од пратениците од коалицијата – веројатно од редовите на СПД – не му дале поддршка на Мерц.
Според германскиот устав, Бундестагот има 14 дена да избере канцелар со апсолутно мнозинство. Во спротивно, претседателот на државата има можност или да го назначи кандидатот што добил најмногу гласови или да распише нови избори.
Ројтерс јавува дека ново гласање би можело да се одржи веќе во вторник, откако партиските групи ќе одржат дополнителни консултации.