Германските разузнавачи го истражуваат феноменот на мистериозни дронови

Повеќе од 1.900 неидентификувани дронови биле забележани над Германија од почетокот на годината, покажуваат безбедносни извештаи до кои дошле Die Welt, Bild и Axel Springer Academy. Заедничката истражувачка анализа открила повторувачки образец што го поврзува голем број од овие летови со движењето на три брода поврзани со Русија, активни во Балтичкото и Северното Море.

Според германските власти, документирани се 1072 инциденти, во кои биле вклучени речиси две илјади дронови. Тие најчесто летале над воени бази на Бундесверот, НАТО-вежбалишта и објекти од критична инфраструктура. Деталната анализа на морскиот сообраќај покажала дека во часовите кога се случувале инцидентите, во непосредна близина се наоѓал мал број морски пловила, и тоа истите три што се појавуваат низ целата истрага.

Еден забележан случај е од 16 мај, кога седум дронови биле регистрирани во близина на товарниот брод Lauga, кој плови под руска знаме и има екипаж составен исклучиво од руски државјани. Кога Lauga подоцна пристигнала во Белгија, тамошните власти го претресле бродот, но не нашле ништо сомнително.

Истражителите укажуваат дека бродот претходно пристанал во сириската лука Тартус, каде што се наоѓа руска воена база, а потоа и во Санкт Петербург, во терминал кој е поврзан со државната нуклеарна корпорација Росатом. Според документацијата, Росатом располага со дронови со домет до 200 километри, опремени со видео и термо-камери, официјално наменети за операции во Арктикот.

Другите два брода што се споменуваат HAV Snapper и HAV Dolphin формално се во сопственост на норвешка компанија, но биле повеќепати сервисирани во бродоградилиштето Преголја во руски Калининград. Посебно внимание привлекува фактот дека екипажот на HAV Dolphin е составен исклучиво од руски државјани.

Големи групи дронови беа забележани и над Киелскиот залив, токму во периодите кога овие бродови минувале низ областа, што дополнително го зацврстува сомнежот за поврзаност.

Безбедносните агенции наведуваат дека е малку веројатно дека дроновите биле управувани од приватни лица. „Одредени околности укажуваат на софистицирана операција која бара значителни финансиски и логистички ресурси“, стои во документите.

Во повеќето случаи операторите на дроновите не се идентификувани. Европски разузнавачки извори за истражувачките медиуми потврдуваат дека HAV Snapper и HAV Dolphin „многу веројатно делуваат во интерес на Русија“.

Германското Министерство за внатрешни работи соопшти дека постои „основ за сомнеж дека странски државни актери биле вклучени во дел од летовите“. Мистериозни дронови се забележани и над воени објекти и критична инфраструктура во Данска, Норвешка, Белгија и Холандија, што упатува на поширока европска безбедносна закана.

Зачлени се на нашиот е-билтен